Калифорнискиот гувернер, Гавин Њусoм ќе воведе мораториум на егзекуциите и привремено ќе го одложи извршувањето на смртните казни на сите 737 затвореници кои се осудени на смрт во оваа сојузна американска држава, објави Би-би-си.
Гувернерот на Калифорнија, смета дека смртната казна не е во согласност со основните вредности на американското општество.
Егзекуции во Калифорнија не се извршени од 2006 година, бидејќи се водеа серија на судски спорови против смртната казна.
Њусoм, гувернерската функција ја презеде во јануари годинава, а мораториумот на смртната казна беше едно од неговите предизборни ветувања.
„Не верувам дека едно цивилизирано општество може да тврди дека е лидер во светот, додека неговата влада продолжува со намерна и дискриминаторска ликвидација на своите луѓе“, рекол гувернерот во изјавата.
Овој мораториум опфаќа и затворање на комората во која се извршувале егзекуциите.
Од 2012 до 2016 година беа спроведени две гласачки иницијативи со кои се бараше укинување на смртната казна. Ниту една на собра доволно гласови од граѓаните, а гувернерот Њусом ги поддржа и двете иницијативи.
Повеќе од 900 лица биле осудени на смрт во Калифорнија од 1978 година, но само 13 од нив биле погубени, 79 починале од природна смрт, а 26 се самоубиле.