Џафери-Данчила: Членството во НАТО и ЕУ е од големо значење за безбедноста за целиот регион на Западен Балкан

Проширувањето на НАТО со земјите на Западен Балкан претставува приоритет за романското претседателство. Отпочнувањето на пристапните преговори на Република Северна Македонија со ЕУ во јуни, Романија ќе го смета како врвно достигнување на романското претседавање со Советот на ЕУ, рече премиерката на Романија, Василика Виорика Данчила, на средбата со претседателот на Собранието, Талат Џафери.

Како што соопштија од собраниската прес-служба, Џафери се заблагодарил за отворената поддршка на Романија и посакал успешно претседавање со Советот на Европската унија и успешни претстојни избори за Европскиот парламент.

„Тој се заблагодари за конзистентната поддршка на нашиот евроатлански пат и подвлече дека за нас членството во НАТО претставува врвен државен и стратешки приоритет за кој има поддршка од граѓаните и широк политички консензус. Претседателот Џафери изрази искрена верба дека за време на романското претседавање со Советот на ЕУ, Република Северна Македонија ќе ги започне пристапните преговори за членство во ЕУ во јуни 2019 година“, се вели во соопштението.

Соговорниците истакнале дека „членството на Република Северна Македонија во НАТО и Европската унија е од големо значење не само за безбедноста и економскиот развој на нашата земја, туку и за целиот регион на Западен Балкан и пошироко“.

Меѓу другото, се разговарало и за унапредувањето на положбата на претставниците на малцинствата во двете држави, а посебен акцент се ставило на интензивирањето на соработката на културен, образовен и економски план.

Треба да знаете
Последни објави