Алжирската Влада денеска соопшти дека е подготвена за разговори со демонстрантите кои бараат брзо спроведување на политичките промени, порачувајќи дека бара владејачки систем врз основа на „волјата на народот”.
Шефот на државата Абделазиз Бутефлика во понеделникот одлучи да не се кандидира за петти мандат, по повеќенеделните протести поради авторитарното владеење и повеќедецениската економска и политичка стагнација.
– Дијалогот е наша должност. Наш приоритет е да ги собереме сите Алжирци. Новиот систем ќе биде врз основа на волјата на народот, истакна заменик премиерот Рамтане Ламамра.
Одлуката на Бутефлика, кој го одложи одржувањето на изборите и порача дека ќе биде одржана конференција на која ќе се разговара за политичките промени, не ги задоволи повеќето Алжирци кои сакаат власта да ја преземе помлада генерација со нови идеи.