Седуммината апликанти за двете експертски места кои треба да бидат пополнети во собраниската Комисија за надзор на спроведувањето на мерките за следење на комуникациите добија рок од седум дена да ги докомплетираат документите што се потребни за поднесување на апликацијата, откако беше констатирано дека тројца од нив немаат доставено комплетна документација. Ова е заклучок на денешната седница на собраниската Комисија за надзор на спороведувањето на мерките за следење на комуникациите на која требаше да се изврши административна проверка на седуммината апликанти кои се пријавија на јавниот оглас отворен минатиот месец за ангажирање на двајца ИТ експерти со кои ќе се комплетира процесот на надзор што го врши ова собраниско тело.
Претседателот на комисијата Емил Димитриев нагласи дека со оглед на тоа што претстојат претседателиски избори и до нивнито завршување не може да се спроведе изборот, Комисијата во тој период ќе изврши административна селекција, а потоа ќе ги спроведе интервјуата на секој апликант посебно.
Апликантите, кои во следните седум дена ќе ја комплетираат документацијата, одат понатаму на интервјуирање кое Димитриев го закажа за 25 март и на кое секој од пријавените ќе има по 30 минути да се претстави себе си зошто е компетентен да биде ИТ експерт во оваа комисија.
По интервјуата, сите седуммина ќе бидат испратени до Дикрекцијата за класифицирани информации и Управата за безбедност и контраразузнавање, каде треба да биде извршена нивната безбедносна проверка, а изборот следува по завршувањето на претседателските избори.
Комисијата изминатиот период работи без експерти, а Димитриев очекува во еден оптимален период конечно тие да бидат ангажирани бидејќи се од суштинско значење за нејзиното работење.
Комисијата досега вршела надзор со петмината нејзини членови. Биле во контрола на ОТА, УБК, Финансинската полиција и Царинската управа. Утре заминуваат повторно во надзор на ОТА.
Законското решение пропишува надзор еднаш квартално, а Димитриев истакна дека целта е да имаат барем две инспекции квартално.
Досега без експертите контролирале области што им се познати на пратениците, од правен, легислативен апект, но недостигал техничкиот, кој е клучен на надзор за процесот за следење на комуникациите. Од досегашните контроли не се утврдени нерегуларности во работењето на овие институции.