Граѓанските организации бараат да се повлече законот за СЈО

Граѓанските организации – Хелсиншкиот комитет за човекови права, коалицијата „Сите за правично судење“, Институтот за човекови права, Македонското здружение на младите правници, Центарот за правни истражувања и анализи, Институтот за европска политика и Фондацијата „Отворено општество – Македонија“, кои се дел од групата на организации „Блупринт“, фокусирани на следење на правосудните реформи и застапување за нивно спроведување, не се согласуваат со начинот на кој се одвива носењето на измените и дополнувањата на Законот за Јавното обвинителство.

„Со овој закон се уредуваат понатамошното постоење, функционирањето и надлежноста на сегашното СЈО, без да бидат анализирани значајни проблеми поврзани со неговото работење, познати речиси од самиот почеток на работата на обвинителството, а не се земени и досегашните препораки од граѓанските организации и експертите. Затоа, бараме доработка на измените и дополнувањата на законот, со фокус на одредбите што се однесуваат на понатамошниот статус и работа на СЈО“, се вели во соопштението.

Граѓанските организации реагираат на нетранспарентноста на процесот во кој се подготвуваше законот, отсуството на консултации и вклученост на граѓанските организации и стручната јавност, а што директно влијае на создавање недоверба во понатамошното функционирање на СЈО.

„Гледано во целина, не беше обезбедено учество на граѓанските организации во работната група што ги подготвуваше измените на законите од кривично-правната област. Дополнително, верзијата од предлог-законот за измени и дополнувања на Законот за Јавното обвинителство, која беше усвоена од Владата, се разликува од верзијата на работната група, а која ни беше презентирана преку Советот за следење на реформите во правосудството. Како граѓански организации што учествуваат во работата на Советот сметаме дека на овој начин, непостапувајќи по препораките што ги дава Советот, неговата улога ќе биде сфатена како декор и нема да ја врши својата главна мисија на дејствување – контрола на процесот на спроведување на Стратегијата за реформи во правосудството 2017 – 2022 година.

Последно, но многу важно, законот беше усвоен од Владата, без да биде објавен на ЕНЕР и тој се носи во скратена постапка, што значи ја исклучува можноста за партиципативност на заинтересираните страни, влијае на квалитетот на законот и придонесува во нетранспарентен процес да се креираат политиките“, се додава во реакцијата.

„Ја користиме оваа пригода да укажеме дека понуденото решение за понатамошното постоење, функционирање и надлежност на СЈО е спротивно на целите поради кои беше воопшто основано ова обвинителство, а тоа се борбата против високата корупција и организирана и системска злоупотреба на државата и државните ресурси за остварување приватни интереси и имотна корист (т.н. заробена држава). Ограничувањето на можноста т.н. бомби, аудиоматеријалите да се користат како доказ, го наметнува прашањето, пред сè: Која е суштината на постоењето на СЈО ако бомбите не може да се користат како доказ? Ваквото решение за бомбите наметнува неколку дилеми:

– Дали може со закон да се ограничи користењето одреден вид докази за кои домашната пракса и праксата на Европскиот суд за човекови права имаат утврдено дека целта заради која биле прибавени ваквите докази ја оправдува нивната употреба (националните судови во предметите „Шпион“, „Бебиситерка“ и пресуди на ЕСЧП)?;

– Дали законодавецот може да му наложи на судот во веќе почнатите постапки да не ги цени одредени веќе прифатени докази (н.з. бомбите) и дали тоа не претставува директно мешање во независноста на судството и ограничување на принципот на слободна судиска оценка на доказите?;

– Дали во суштина има преклопување на надлежностите на веќе постојното одделение за гонење организиран криминал со новопредложеното обвинителство, кое треба да го замени СЈО? Имено, во предложеното законско решение воопшто не е јасно прецизирано разграничувањето на надлежностите на веќе постојното одделение за организиран криминал и новоформираното одделение, кое ќе треба да го замени СЈО. Воедно, не е прецизирано што значи именуван функционер?;

– Дали со постојното законско решение ќе се доведат во прашање автономијата и функционалноста на СЈО, како и оправданоста на неговото постоење од аспект на изградени капацитети, човечки и материјални ресурси ако тоа се претопи во Јавното обвинителство?, прашуваат граѓанските организации.

Поради сите овие причини, граѓанските организации бараат Владата да го повлече предлог-законот за Јавното обвинителство и да го врати до надлежното министерство, кое во партиципативен и транспарентен процес ќе го доработи законот земајќи ги предвид препораките.

Треба да знаете
Последни објави