ЕП даде зелено светло за реформа на визниот информативен систем

Европскиот парламент денеска одобри подобрувањето на визниот информациски систем (ВИС), кој треба да обезбеди подобар одговор на ЕУ за предизвиците во безбедноста и миграцијата, јави дописникот на МИА од Стразбур.

Европарламентот ја поддржа одлуката за реформа на визниот информациски систем со 522 гласови „за”, 122 „против” и 31 „воздржани”. Сепак, преговарачите на Советот на ЕУ и Парламентот се уште треба да се договорат за конечниот текст на законот.

Известувачот Карлос Коељо, португалски европратеик од редовите на Европската народна партија (ЕПП), одени дека со реформата на ВИС „се исполнуваат празнините во стратегијата на ЕУ за безбедност”.

– Златните визи ќе бидат контролирани како никогаш досега во Европа. Безбедносните проверки ќе бидат хармонизирани низ целиот континент, со зголемена соработка меѓу конзуларните власти, граничната полиција и полицијата. Ќе имаме подобри алатки за враќање. Ќе спречиме трговија со деца и подобро ќе ги идентификуваме криминалците и терористите. Ова е информативен систем кој е доказ за иднината, нагласи Коељо.

Визниот информативен систем (ВИС) е европска база на податоци што властите ги користат за контрола на државјани на трети земји кои бараат виза за патување во Шенген зоната. Реформата ќе овозможи системот подобро да одговори на предизвиците поврзани со безбедноста и миграцијата и да го оптимизира управувањето со надворешните граници на ЕУ.

Европратениците сакаат со реформата да се вклучат и задолжителните безбедносни проверки во сите базите на податоци на ЕУ, за да се откријат барателите кои користат повеќе идентитети и да ги идентификуваат оние што претставуваат ризик за безбедноста и нерегуларна миграција.

Визниот информативен систем им помага на властите задолжени за издавање визи, за контрола на границите и за азил и миграција, да ги проверуваат државјаните на трети земји кои бараат виза за патување во Шенген зоната од 2011 година. Земјите членки на ЕУ секоја година обработуваат околу 18 милиони барања за визи за краток престој или така наречените „Шенген визи”. Од август 2018 година, системот содржи повеќе од 60 милиони апликации за виза и 40 милиони отпечатоци од прсти

Треба да знаете
Последни објави