ЈП Македонски железници Инфраструктура е првото македонско државно претпријатие што доби меѓународно признат сертификат за одличност во спроведувањето на јавните набавки од Институтот за набавки и снабдување (Chartered Institute of Procurement&Supply-CIPS) од Велика Британија.
-Поминавме низ детален и тежок процес на мониторинг во делот на справување со јавните набавки и снабдувања. Процесот беше инклузивен и ги вклучуваше правилниците и законите на земјава, но и на Европската банка за обнова и развој, како и европските правила и конвенции. Тоа би значело ефикасен, ефективен и инклузивен процес што ги вклучува сите највисоки стандарди на јавни набавки и снабдувања во делот на македонското и на европското законодавство, рече директорот на МЖ Инфраструктура Ирфан Асани на денешната прес-конфенција.
Тој посочи дека Институтот за набавки и снабдување од Велика Британија е најдобар во светот со повеќе од 150 канцеларии во 150 држави и повеќе од 200.000 луѓе кои се специјализирани во делот на јавните набавки и снабдувањето и додаде дека МЖ Инфраструктура е првото државно претпријатие во земјава кое добива ваков сертификат. Сертификатот, појасни, значи дека како фирма сме спремни да имплементираме проекти на најефикасен, најтранспарентен и најинклузивен начин со сите можни даватели на грантови и кредити и дека ги почитуваме највисоките стандарди за набавка и услуги и на македонското законодавство.
-До добивањето сертификат стигнавме со процес кој е јасно дефиниран со јасен концепт и стратегија и добро поставена структура. Со тоа во целина сме сертифицирани во делот на јавните набавки и продолжуваме и понатаму да ги имплементираме и другите проекти со највисок, најтранспарентен и најинклузивен процес, потенцира Асани и се заблагодари на ЕБОР за доделениот грант за спроведување на процесот на сертифицирање.