Пред нешто повеќе од две недели во Лондон со нож беше убиена 17-годишната Џоди Чеснеј, а како што пренесува порталот „Индекс. хр“, за нејзиното убиство се сомничи 16-годишниот Хрват Мануел Петровиќ.
Тинејџерката била нападната на 1 март во парк во областа Харолд Хил во источен Лондон. Била прободена во грбот додека со своето момче и пријателите седела на клупа и слушала музика, а починала на самото место.
Кога била прободена, таа паднала на земјата, па момчето и пријателите сфатиле дека е повредена.
Според информациите што ги пренесуваат британските медиуми, ножот со која е убиена Чеснеј бил долг 18 сантиметри.
Покрај Петровиќ, осомничен е и уште еден 16-годишник, кој се наоѓа во притвор за малолетници.
Двајцата биле сослушани на суд и остануваат во притвор. Судењето е закажано за септември.
Во Велика Британија, особено во Лондон, регистрирано е нагло зголемување на нападите со нож. Така од почетокот на годинава, со нож се убиени најмалку 35 лица. Лекарите истакнуваат дека повредите стануваат сè посериозни, а жртвите се сè помлади, а има и пораст на бројот на повредени девојки.



