Авиопревозникот „Етихад ервејс“ со седиште во Абу Даби соопшти дека во 2018 година направил загуба од 1,28 милијарда долари, што е трета година по ред компанијата да забележи загуби од над милијарда долари на годишно ниво.
Приходите на „Етихад“ изнесувале 5,86 милијарди долари, што е послаб резултат отколку во 2017 година кога „Етихад“ пријавил приход од 6 милијарди долари.
Во 2017 година „Етихад“ регистрирал загуби од 1,52 милијарда долари, а во 2016 – 1,95 милијарда долари.
Во изминатите три години „Етихад“ забележа вкупна загуба од 4,75 милијарди долари.
Најголем дел од загубите се резултат на порастот на цената на горивата и условите на пазарот, а „Асошиетед прес“ оценува дека големите загуби се резултат и на купувањето акции во авиопревозници од Европа и Австралија.
„Етихад“ е малцински сопственик и во националниот авиопревозник на Србија, „Ер Србија“.