Владата на Република Северна Македонија и Комората на медијаторите на Република Северна Македонија денеска потпишаа Меморандум за соработка со кој се утврдени начелата за взаемни активности во областа на алтернативно решавање на спорови со медијација, како и за соработка и заеднички активности за поддршка, унапредување, практицирање, промовирање, јакнење и развој на медијацијата во Република Северна Македонија.
Во име на Владата на РСМ, меморандумот го потпиша претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев, а во име на Комората на медијаторите на Северна Македонија, нејзиниот претседател Славе Младеновски кој по тој повод истакна дека меморандумот е силен израз на поддршката на Владата на РСМ за медијацијата како начин на во решавање на споровите, и дека таа за прв пат е ставена во официјален документ од стратешко значење како што е Стратегијата за реформа на правосудниот систем.
По свечениот чин на потпишување на Меморандумот за соработка меѓу Владата на РСМ и Комората на медијаторите, свое обраќање имаше премиерот Заев кое ви го пренесуваме во целост:
„Денеска, со овој свечен настан повод потпишување Меморандум за соработка меѓу Владата на Република Северна Македонија и Комората на медијаторите внесуваме уште еден, многу значаен дел, во мозаикот на она што значи сеопфатен структуриран систем за решавање на спорови.
Во еден таков систем, значајно место има медијацијата како алтернативно решавање на одредени спорови како прва и подобна постапка за решавање спор меѓу две страни вон стандардната судската постапка. Со медијацијата како постапка за компромисно решавање на споровите, всушност се потенцира општествената одговорност на страните што го прифаќаат стручното посредување, и што го афирмираат нивниот придонес за јакнење на начелото за владеење на правото и за пристап до правда за секого. Страните што ги прифаќаат придобивките од медијацијата како начин на решавање на спорови учествуваат и во постигнувањето повеќе позитивни ефекти, како што се заштеда на средства од буџетот, ефикасен, брз и практичен начин на решавање спорови внимавајќи на взаемниот интерес на две страни во спор.
Овие постапки се одличен придонес и во градењето на култура на правото и посредувањето, во намалувањето на конфликтноста во општеството, во поттикнувањето на деловната соработка, како и во негувањето на моралните вредности на здраво и хумано општество на граѓаните како основа за подобра иднина.
Од тие причини, ми претставува задоволство што денеска го потпишуваме Меморандумот за соработка меѓу Владата на Република Северна Македонија и Комората на медијаторите, како основа за взаемна соработка во областа на алтернативно решавање на спорови со медијација, како и за соработка и заеднички активности за поддршка, унапредување, практицирање, промовирање, јакнење и развој на медијацијата во Република Северна Македонија. Дополнителна вредност на овој Меморандум за соработка е заедничката соработка на реализација на Стратегијата за реформа на правосудниот систем. Ова е особено значајно бидејќи не поврзува споделената вредност дека реформата на правосудниот систем е врвен приоритет на Владата кој го темелиме врз европските стандарди и на начелото за владеење на правото и еднаков пристап до правда за сите субјекти на општественото живеење во нашата земја.
Меморандум обврзува на соработка во поттикнување на правните субјекти во изборот на медијацијата како постапка, како и да ги афирмираме добрите страни на медијацијата за да градиме култура на меѓусебна соработка за намалување на степенот на конфликтност меѓу граѓаните, како и меѓу граѓаните и правните субјекти со едукација, укажување и препорачување дека спорот може да биде решен на задоволство на страните во постапка на медијација.
На крајот ми останува само да упатам честитки на тимовите на Владата и на Комората на медијаторите на трпеливата и конструктивна соработка во подготовката на овој документ и да си посакаме заеднички многу бргу да ги одбележиме како позитивни резултатите од оваа соработка.
Како претседател на Владата на РСМ ги повикувам претставниците на институциите од јавната администрација да го дадат својот позитивен придонес за афирмација на медијацијата како начин на решавање на споровите меѓу правните лица и граѓаните со владините институции.
Како сервис на граѓаните и на бизнисот, наместо преку правосудниот систем, таму каде што е тоа можно, да ги решаваме споровите со посредување и на тој начин да дадеме пример и поддршка на овој модел на решавање спорови.“