Му ја скршиле главата на сопственик на скопски ресторан зошто не сакал да им пушти музика

Основното јавно обвинителство Скопје отвори истрага против три лица под сомнение дека извршиле кривично дело насилство во угостутелски објект во Скопје.

Според информациите, осомничените како гости во угостителски објект лоциран во трговскиот центар „Беверли Хилс“ во Скопје, на 13 март годинава делувајќи како група, извршиле грубо насилство врз сопственикот на локалот, а кај присутните гости и вработени предизвикале чувство на загрозување, страв и несигурност.

Двајца од осомничените биле незадоволни од третманот и услугата и започнале вербална расправија со оштетениот, инсистирајќи во локалот да им биде пуштена одредена музика по нивна желба. Сопственикот одбил со образложение дека работното време на објектот е истечено и мора да го затвори. По ова, осомничените му се заканиле и започнале да кршат шишиња и чаши, а откако им било наложено да го напуштат објектот, физички го нападнале сопственикот, удирајќи го со тупаници во пределот на главата и телото.

Кон тепачката се приклучило и трето осомничено лице, кое дополнително влегло во објектот, па замавнувајќи со дрвена дршка од метла повеќепати го удрил сопственикот.

Од нанесените удари, сопственикот се здобил со тешки повреди – повеќе набиеници и една скршеница во пределот на главата, по што успеал да се оттргне и засолни во кујната на локалот.

По предлог на надлежниот јавен обвинител, судија на претходна постапка при Основниот суд Скопје 1 на тројцата насилници им определи мерки на претпазливост.

Треба да знаете
Последни објави