Министерството за одбрана на Косово ги оценува како специјална војна, слична на онаа пред конфликтот во 1998-99 година, изјавите на шефот на српската дипломатија Ивица Дачиќ дека Србија ќе интервенира воено доколку косовската војска се обиде да се распореди на северот на земјата, јави дописникот на МИА од Приштина.
Шефот на српската дипломатија денеска изјави дека Србија ќе интервенира воено во северот на Косово „во случај на некој обид на Косово за напад врз Србите или за заземање на комбинатот Трепча”.
Заменикот министер за одбрана на Косово Бурим Рамадани изјави за „Газета Експрес” дека со ваквите изјави на Дачиќ и другите српски државници, Белград повторно започна агресивна кампања во стилот на 90-тите години.
– Ова е специјална војна која се служи со дезинформации и е исклучително агресивна. Претензиите дека наводно Косово ќе ги нападне сопствените граѓани претставуваат апсурд и бесмислица во стилот на оние од 90-тите години, изјави косовскиот заменик министер за одбрана.
Рамадани нагласува дека ваквото однесување на Белград не зачудува, со оглед дека, како што вели, во Србија се на власт истите политичари кои владееја и во 90-тите години на минатиот век, само што сега имаат нови улоги.
– На крајот на краиштата, истите политичари кои ја водеа Србија во 90-тите години и сега се на власт. Само позициите ги сменија. Тогаш, како блиски соработници на (Слободан) Милошевиќ, Александар Вучиќ беше министер, а сега е претседател, додека Ивица Дачиќ беше портпарол (на Милошевиќ), а сега е министер. Во 10 години предизвикаа четири војни, геноцид, етничко чистење, масовни уништувања, силувања и безбројни масакри во Хрватска, во Босна и Херцеговина, во Косово и во Прешевската Долина, изјави Рамадани.
Според него, слично како и тогаш, Белград и сега води специјална војна за да ги обвини Албанците за можен напад, како што беше оној од крајот на 1998 година во кафеаната „Панда” во Пеќ, кога под, до сега се уште официјално неразјаснети околности, беа убиени шест момчиња од српска националност.
– Оваа специјална војна е слична на онаа од 90-тите години, кога Србија го организира нападот познат како „случај Панда” против косовските Срби, со единствена цел да ги обвини косовските Албанци, изјави Рамадани.
„Газета Експрес” наведува дека Рамадани не дал конкретен одговор на прашањето дали Војската на Косово ќе испрати свои припадници на северот заедно со силите на КФОР, но нагласил дека „ќе соработува со меѓународните сили во секакви околности кои може да се појават”.