Бројот на пациенти со хронична бубрежна болест се зголемува. Се смета дека секој десетти возрасен жител во светски рамки има одреден степен на бубрежна слабост, а секој трети е во ризик да развие бубрежна слабост. Ова беше истакнато на прес-конференцијата во Министерството за здравство по повод 14 март, Светски ден на бубрегот, кој се одбележува под мотото „Здрави бубрези за сите насекаде”.
Целта на кампањата по повод Светскиот ден на бубрегот е да се подигне свеста за постоењето на бубрежните заболувања, да се укаже на можноста за нивна рана детекција и дека најчестите причини за нивна појава се артериската хипетензија, дијабетесот, дебелината и невролошките заболувања.
Директорката на Клиниката за нефрологија, Ирена Бушлетиќ на прес-конференцијата рече дека бубрежните заболувања може да рано да се детектираат во примарната и секундарната здравствена заштита и дека постојат многу едноставни тестови кои ги покрива ФЗОМ. Посочи дека бубрежните болести може да се превенираат, забават и да се запрат. Додаде дека во рамки на кампањата се потенцира дека пациентите со хронична бубрежна болест може да учествуваат во општествените текови и да работат.
Националниот координатор за трансплантација Маја Мојсова рече дека од крајот на ноември до средината на февруари се извршени шест трансплатантации на бубрег од кадавер (починат донор) и 20 трансплантации од жив донор. Им се заблагодари на семејствата кои одговориле позитивно и што успеале да најдат органи за шесте пациенти кои биле во краен стадиум на бубрежна болест.
– Во развиените земји има до 20 донори. Би било убаво кога би имале пет до десет донори на милион жители. Ако ја достигнеме таа бројка за 2019 година би биле повеќе од задоволни, како и кога би можеле да обезбедиме и други органи, додаде Мојсова.
Претседателот на Македонското здружение за нефрологија, дијализа, трансплантација и вештачки органи, Гоце Спасовски истакна дека за трансплантација на бубрези од жив донор имаат однапред подготвени шест до осум пациенти, како што е сега случај, кои чекаат за наредниот период.
– Пациентите и пред да дојдат на дијализа може да бидат кандидати за трансплантација, а предност имаат и оние кои го изгубиле бубрегот во претходната трансплантација и оние кои се со многу висок ризик за трансплантација односно се високо сензибилизирани, имаат постоечки антитела кај кои ретко може да се најде вистински донор…Затоа за два бубрега од кадавер повикуваме четири, пет или шест пациенти, за да можеме да направиме најдобар постоечки избор, нагласи Спасовски.
Додаде дека по 40-тата година од животот се губи еден до два милилитри од функцијата на бубрегот во текот на една година, што значи, како што појасни, не е исто дали зголемен креатинин ќе има еден човек на возраст од 30 до 40 години и еден човек на 70-годишна возраст.
Д-р Александар Поповски од Заводот за нефрологија во Струга рече дека опслужуваат над 200.000 жители од југозападниот регион.
– Во Европа oколу 45 отсто од населението на возраст над 50 години има зголемен крвен притисок. Во однос на дијабетесот според светските и македонските искуства 25 до 28 пациенти кои почнале прва дијализа имале диабетес тип 2. Во државава секој трето дете во училиштата има зголемена телесна тежина. Неопходна е рано откривање на заболувањата и менување на начинот на живот, едукација на пациентите и персоналот во однос на компликациите од хипертензија и дијабетес, каква што прават и во Заводот, додаде Поповски.