Судии и правници дебатираа за реформите во судската власт

Што и да се прави со Специјалното јавно обвинителство, државата не смее да се доведе до ситуација некој да не одговара кривично, за евентуално сторените кривични дела смета поранешниот меѓународен судија Маргарита Цаца Николовска, која денеска е дел од дебата „Дали новите реформи ќе ги решат старите предизвици во судството”, организирана од Институтот за човекови права на Правниот факултет во Штип. Што се однесува за информациите дека докази нема да бидат прислушуваните разговори, Цаца Николовска забележа дека и на самиот почеток разговорите од бомбите не биле единствени докази или индиции врз кои се потпирале СЈО и Судските совети, кои што постапувале по предметите.

-Значи тоа се едни докази, кои мора да бидат поткрепени со други докази од една страна, од друга страна мора да се испочитува постапката на фер постапување, каде што ќе се даде право на одбраната да реагира. Што значи дека и тие прислушкувани материјали одбраната ќе ги цени и ќе ги елаборира, ќе се даде право на одговор на спротивната страна и ќе се применуваат принципите на еднаквост на странките во текот на постапката. Многу често слушам дека овие материјали веќе нема да може да бидат докази.Прво почекајте законот да помине, да видиме што ќе биде и како ќе биде,  вели Николовска.

Таа забележува дека Владата е таа што ќе ги предложи новините, но се ќе зависи од пратениците, односно од законодавната власт, која сноси одговорност за како што вели евентуалното однесување на начин на некој да му овозможи кривично да не одговара.

-Не заборавајте, ние сме сега пред чекор дека  треба да докажеме оти владеење на правото постои, да докажеме дека секој кривично ќе одговара, евентуално за делата што ги направил и дека во демократијата и во праксата на Европски суд за човекови права конзистентната пракса е еден од елементите на фер постапување. Што ова значи? Ако за некој се има еден третман, за друг се има друг третман, тоа во однос на оценувањето на нашите идеи и желби да влеземе во друштво на ЕУ нема лесно да помине, рече Цаца Николовска.

Прашана дали може да се случат реформи во судската власт, со оглед на тоа дека дел од судиите беа карактеризирани, како партиски послушници, Цаца Николовска вели дека реформите се можни, но прашање е кој што ќе преземе и од кого таа постапка ќе се води.

-Тука е Судскиот совет. Тоа е тој што фактички треба да ги преземе тие чекори и да утврдува, како гарант на независното и непристрасното судство, дали ваквите судии тоа можат да го остварат или не. Јас само знам дека има постапка за пет члена на Врховниот суд, каде што пет члена, односно пет судии, вклучувајќи го и претседателот на судот, постапката не е завршена. Постапката стои некаде во фиока и тоа во ниту еден случај не е добра насока, за она за кое што зборуваме, вели Цаца Николовска.

Таа се надева дека промените во самиот Судски совет и во однос на она што значи законско решение ќе доведат до промени во насока на позитивна оценка од страна на ЕУ.

-Точно е дека има разлики во однос на она што работните групи предлагаа во текстот на Законот за судови и дека дел од членовите не се така, како што беа изготвувани. Меѓутоа во крајна линија, тоа е работа на предлагачот на законот. Тој ја сноси одговорноста и ризикот за промените и ќе видиме како понатаму тоа ќе се одвива. Што се однесува до работата и до Законот за Судски совет, сега се чека мислењето на Венецијанската комисија и тука имаше одредени промени. Промените најмногу беа во насока на промена на начинот на работењето на самиот Судски совет, во делот на она што значи професионалност или полупрофесионалност. Причините за тоа од страна на работната група од невладиниот сектор, од страна на самите судии, беа презентирани во јавноста. Во оваа насока сега имаме одредени промени и ќе видеме какво ќе биде мислењето на Венецијанската комисија рече Цаца Николовска.

Таа се надева дека и позицијата и опозицијата на крајот ќе смогнат сили, законот со конструктивна дебата во Собранието да се донесе, а како што рече без некои политички договарања, во насока на презентирање дека не можат да се расчистат работите.

-Ако Македонија сака да влезе во ЕУ, ако Македонија сака да презентира дека оди чекор напред, од заробената држава ја одзаробува, прво и основно судството треба да го одзароби, од состојбите што се оценети како негативни, додаде Цаца Николовска.

Судијата, Сашко Ѓеоргиев, член на Републичкиот Судски совет, истакна дека и тие како фела ги чекаат новините, односно реформите да бидат на едно повисоко ниво.

-Очекуваме сите тие нови закони да бидат имплементирани во пракса и да ги видиме првите резултати од новите реформски закони, вели Ѓеоргиев.

Прашан дали ќе биде најголем успех судиите да се бираат како што налага законот, а не од нечие тефтерче, Ѓеоргиев вели дека како член на Судскиот совет најодговорно тврди дека тефтерчиња и слични работи познати од минатото, се веќе минато време.

-Тоа е гаранција како од нас, членови на Судскиот совет, а воедно транспарентноста, јавноста вклучена во новите реформски закони е уште една дополнителна гаранција дека некои аномалии од минатото време, за кои сите бевме сведоци, дека тие аномалии ќе бидат минато, вели Ѓеоргиев.

Деканот на Правниот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев”-Штип, Јован Ананиев забележува дека во земјава веќе три децении се говори за реформи на судската власт и смета дека во една стабилна држава трите основни власти, законодавната, извршната и судската власт треба да бидат стабилно поставени, односно како што вели можеби пред три децении требале добро и прецизно јасно поставени.

-Втората забелешка е што иако се ова системски закони и главно се носат со двотретинско мнозинство, сепак, треба да одлучуваат стручњаците, односно помалку политичките партии да вмешуваат прсти во овие работи и како ние имаме некаква универзитетска автономија претпоставувам и дека судската власт треба да има автономија и тие да го имаат последниот збор, за тие да се реформираат и таа интерна контрола во судството да се направи најквалитетно, вели Ананиев.

Смета дека со позитивните европски искуства, конечно земјава ќе се стабилизира во овој дел. На денешнава дебата на штипскиот Правен факултет присуствуваа и зедоа учество судии од подрачјето на Апелацискиот суд во Штип и Јавното обвинителство, како и универзитетски професори од Правен факултет при УГД –Штип. 

Треба да знаете
Последни објави