Во продолжение, по кратката пауза, во Кривичен суд на „Таргет-Тврдина”, денеска се презентираа докази од хард дискот одземен од службениот комјутер на сведокот Звонко Костовски во кој има логови со снимени разговори од каде Костовски ги вадел „бомбите” и ги предавал на Верушевски преку Ѓорѓи Лазаревски.
На прашање на специјалната обвинителка Ленче Ристовска, Костовски појаснувајќи го на мониторот во судот презентираниот лог од разговорите, рече дека на посочениот пример има експортирана СМС порака.
– Прво е името на фајлот како број што се појавува само еднаш. Потоа е ИД бројот односно телефонски број на лицето кое се следи. Има мала биква „б” што значи дека овој број е маркиран по втор пат за да се разликува од оние кои се следени само еднаш, појасни Костовски како изгледа еден лог со таргет, избран по случаен избор на СЈО, од хард дискот од неговиот компјутер.
Претходно одбраната се противеше на изнесување на овој доказ со образложение дека не било дозволено на сведокот да му се презентира материјал на кој тој ќе се присетува и ќе дава појаснување. Судечкиот совет не го прифати приговорот, бидејќи, како што рекоа, обвинителите појаснија дека нема да се чита содржина на прислушувани СМС преписки или пак разговори, туку дека сведокот само ќе појасни како изгледа датотеката со логови на прислушувани лица.