Шведското Министерство за надворешни работи го повика рускиот амбасадор Виктор Татаринцев и побара еден од службениците во Амбасадата да ја напушти државата, објави шведскиот весник „Дагенс нјухетер”.
– Можам да потврдам дека го повикавме амбасадорот во врска со активностите на еден дипломат, изјави Патрик Нилсон, портпарол на шведското МНР.
Според весникот, се работи за руски дипломат кој се сретнал со 45-годишен Швеѓанец во ресторан во Стокхолм. Швеѓанецот бил приведен на таа средба од службата за контраразузнавање под сомнение за шпионска дејност во корист на Русија.
Шведското разузнавање СЕПО смета дека приведениот Швеѓанец бил врбуван од агент на руското разузнавање, кој работел со дипломатски имунитет. Ако биде прогласен за виновен може да добие затворска казна од шест месеци до четири години.