САД го ограничија вклучувањето на трансродовите лица во војска

Пентагон во средата објави нова политика која строго го ограничува вклучувањето на трансродовите регрути на луѓе кои не го смениле својот пол, ниту пак имаат намера да го сторат тоа и ги присилува да служат во полот во кој се родиле.

Оваа нова политика следуваше по одлуката на Врховниот суд кој ѝ дозволи на администрацијата на Трамп да не прима трансродови лица во војска сè додека трае правната битка.

Само трансродовите лица кои не го сменија својот пол и не планираат да го направат тоа, можат да служат во војската, под услов да го сторат тоа според нивниот биолошки пол, според документите издадени од министерството за одбрана.

На тој начин Пентагон се откажа од одлуката на поранешниот демократски претседател Барак Обама, со која се предвидуваше од јануари 2017 година војската да ги прифаќа трансродовите лица, овластени да служат во одбраниот пол.

Неговиот републикански наследник го одложи крајниот рок до 1 јануари 2018 година, а потоа одлучи целосно да се откаже од таа политика. Трамп го истакна во серијата твитови во јули 2017 година „големиот товар за медицински трошоци и нарушувања”.

Новата политика не забранува целосно вклучување на трансродовите лица, но вели дека луѓето на кои им е потребна хормонална терапија или хируршка интервенција за промена на полот не може да се пријават во војска.

Само оние кои ќе влезат во армијата до 12 април ќе бидат изземени.

Во вооружените сили, околу 9.000 луѓе се идентификувани како трансродови од 1,3 милиони активни војници. Илјада од нив рекле дека го смениле својот пол или дека сакаат да го сторат тоа.

Пентагон го оправдува исклучувањето на оваа категорија за идното регрутирање со тоа што луѓето што страдаат од полова дисфорија, тешка ментална патологија, би можеле да влијаат на подготовката на единиците и нивната борбена подготвеност.

Треба да знаете
Последни објави