Со сведочење на свиркачот Звонко Костовски во Кривичниот суд денеска на пладне продолжи рочиштето за предметот Таргет-Тврдина на СЈО.
Во предметот Таргет-Тврдина обвинети се поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, поранешните шеф на УБК Сашо Мијалков, началник на Петтата управа Горан Грујовски, заменик-началник Никола Бошкоски, шеф на кабинетот на Мијалков, Тони Јакимовски, Владимир Варелов и уште пет други лица од Управата.
Тие се товарат за незаконско следење на комуникациите во периодот од 2008 до 2015 година.
Костовски, на прашање на обвинителката Ленче Ристовска, рече дека нема точна информација за бројот на разговори што биле изнесени и снимени, но, според него изнесени и предадени на Верушевски се околу пет проценти од вкупно нелегално прислушуваните разговори.
Во зградата кај железничка наречена „парламентарка”, Костовски рече дека во посебни простории постоел инсталиран компјутер што било направено на барање на Горан Грујевски, за нивни логистичар да може полесно да презема материјали, односно да не се движи постојано до УБК и назад до зградата, како и да не се створат сомнежи кај станарите во зградата.