Босилков: Ако не преземеме масовна акција, генерацијата родена по 2000-та нема да доживее длабока старост

За нас, цивилизацијата што ја имаме дејствува како константа, од Бога дадена. Каков било дискурс за нејзина пропаст дејствува како научна фантастика. Но, човештвото во моментов е како жаба во врела вода, и ни истекува времето да го изгаснеме огнот. Ако не преземеме масовна колективна акција на ниво на целиот свет, генерацијата родена по 2000 година нема да доживее длабока и мирна старост. Ние сме еколошка црна дупка на Европа и мораме да направиме дури и повеќе од останатите за да го намалиме загадувањето на воздухот. Ако не се оправиме сами, друг не може да нè оправи. Ова во интервју за МИА го посочува Иво Босилков, докторанд на Универзитетот во Милано, еден од организаторите на протестот против климатските промени што ќе се одржи утре пред Владата на Република Северна Македонија.

Што може да ни кажете за иницијативата „Петоци за иднината” (Fridays For Future) и какво очекување имате од протестот што се најавува низ целиот свет, па и кај нас?

„Fridays For Future” е идеја од младите, за младите, во целиот свет. Нејзин духовен лидер е Грета Тунберг, девојката која почнувајќи од минатото лето ги напушташе часовите секој петок за сама да демонстрира пред шведскиот Парламент. Нејзиното барање беше многу едноставно, да се сфатат климатските промени конечно како што се – закана за постоењето на човековата цивилизација. Девојката стана еколошка икона затоа што со едвај 15 години покажа повеќе свест и одговорност за иднината на планетата од сите лидери на светот. Луѓе почнаа да ја следат, да се придружуваат на нејзините протести, затоа што во неа видоа надеж дека новите генерации имаат потенцијал да ја сменат судбината на светот. Денеска таа е симбол и инспирација за целото движење наречено „Fridays For Future”, кое прерасна во глобална хоризонтална мрежа не само на екоактивисти, туку и на илјадници прогресивни млади луѓе. Во тоа движење тие ја гледаат последната шанса да ја спречат климатската катастрофа, и в петок ќе излезат во повеќе од илјада градови речиси во сто земји да ја испратат својата порака. Еден од тие градови е и Скопје. Се надеваме дека ќе придонесеме достојно на светскиот зелен бран и ќе го зголемиме притисокот врз властите и кај нас да го завршат нивниот дел од работата.

На што, според Вас, најмногу се должи загадувањето во државата?

Кога на овој начин се поставува прашањето, се добива впечаток дека ова е предмет на дебата. Научните истражувања покажуваат дека нема место за таква дебата. Без конкуренција најголемиот загадувач се индустриските капацитети, кои неконтролирано испуштаат отровни материи во воздухот, почвата и водата. Дрисла, Југохром, Фени, Усје, Макстил… Листата на загадувачи е долга, а казните што ги плаќаат за надминување на дозволените испуштања се смешни, па со оглед на обртот што го прават и ниските даноци што ги имаат, можат да си дозволат константни пречекорувања. Политичарите на власт имаат интерес ова да си остане така, затоа што реално носители на економијата се компаниите, а плус и директно добиваат дел од ќарот од провизии, тендери и дивиденди. В петок пред Владата ќе побараме енергично да се застане на патот на големите загадувачи, наместо да се префрла вината на граѓаните кои се греат на дрва. Точно, во испуштањето придонесуваат и тие, и автомобилите, и електраните на јаглен. Затоа е потребна целокупна трансформација на општествено-економскиот живот кон обновлива енергија, соларно греење, електричен јавен превоз итн. Свесни сме дека тоа е огромен зафат, меѓутоа алтернатива нема, и мора да се почне од најбогатите и нивните индустрии.

Како климатските промени влијаат на загадувањето?

Тоа е интересно прашање, затоа што логиката обично оди обратно – загадувањето влијае на климатските промени. Во основа, климатските промени се резултат на долг рок на непрекинатото загадување на атмосферата со ЦО2. Затоа што ЦО2 ги апсорбира одбиените сончеви зраци од земјината површина, температурата на Земјината топка се зголемува, и тоа за неколку децении ќе доведе до колапс на целокупното општество. Но, така поставеното прашање овозможува да се навлезе подлабоко во самата проблематика. На кој начин ќе се манифестира тој колапс? Еве неколку најпрости примери. Ако топењето на поларниот мраз го зголеми морското ниво до таа мера крајбрежјето да биде поплавено, ќе имаме десетици милиони бегалци од тие зони, кои со автомобили ќе возат кон внатрешноста, и чии издувни гасови ќе го исполнат воздухот. Или, урагани ќе пустошат цели градови, што за градежната индустрија да го поправи, ќе треба да потроши огромно количество гориво. Или наједноставно, сушите ќе предизвикаат војни за ресурси што ќе го сменат ликот на Земјата. Сега разбирате зошто загадувањето како проблем сам по себе ќе биде смешка во однос на тоа што подоцна ќе го предизвика. Се создава каскаден ефект на меѓусебно засилување на овие смртоносни феномени. Решението за сето ова е итна промена на општествено-економскиот модел, на глобално ниво.

Колку граѓаните се свесни и знаат за климатските промени и нивното влијание врз сите нас?

Климатските промени се најголем предизвик од овој аспект. За мнозинството граѓани, климатските промени се далечен и апстрактен проблем, кој нема приоритет во однос на секојдневните проблеми. Зошто да се бавиме со иднината, кога и сегашноста веќе ни е лоша? Освен тоа, од психолошки аспект, тешко е за кого било да замисли дека нешто што навидум се развива толку бавно и практично недостапно за сетилата може да резултира фактички со апокалипса. За нас, цивилизацијата што ја имаме делува како константа, од Бога дадена. Каков било дискурс за нејзина пропаст делува како научна фантастика. Но, човештвото во моментов е како жаба во врела вода, и ни истекува времето да го изгасиме огнот. Ако не преземеме масовна колективна акција на ниво на целиот свет, генерацијата родена по 2000-та година нема да доживее длабока и мирна старост. И тоа е голем проблем, затоа што веднаш води до малодушност од типот, нема шанси да успееме во таков потфат, никогаш нема цел свет да се обедини за едно прашање. Но едноставно немаме друг избор.

Зошто секоја година сè повеќе се влошува ситуацијата, наместо да се подобрува?

Затоа што не се презема ништо, и таа неопходна трансформација на општествено-економскиот живот постојано се одложува за да се одржи во живот систем што е на апарати за дишење, и буквално и фигуративно. Тој систем го одржуваат елитите. Дел од причината е нивната глупавост и незнаење. Светски лидери од типот на Доналд Трамп не веруваат дека воопшто треба нешто да се направи, наспроти сите научни докази што го тврдат спротивното. Друг дел е едноставно недостиг од основни морални начела. На светот постојат луѓе со огромна моќ кои не ги интересира општото добро и не ги интересира иднината. Не знам дали тие луѓе можат да се наречат нихилисти, затоа што сепак веруваат во нешто, а тоа е профитот, од дупчење нафта, од воена индустрија и што уште не. Меѓутоа овие елити можат да бидат многу лесно урнати, затоа што против себе имаат 99 отсто од човештвото. Единствено тоа човештво мора да се освести и да разбере како да го оствари својот основен заеднички интерес – да преживее. Нема да биде едноставно, но „Fridays For Future” е доказ дека постои надеж да се избегне екстинкција.

Кои мерки треба да ги преземе државата со цел намалување на загадувањето на воздухот?

Веќе ги споменав најбитните мерки, како строги казни за какво било надминување на дозволеното загадување од индустриите, премин кон обновливи извори на енергија на местото на термоелектраните на јаглен, воведување електричен јавен превоз. Ние со овие барања не откриваме топла вода, само ги ставаме во друг, поширок контекст. Проблемот не е дека властите не знаат што треба да направат, проблемот е што не сакаат. Ние сме тука да ги натераме да сакаат, затоа што џабе ќе им биде спрегата со олигарсите, ако направат непријател од целиот народ. Тие планираат изговори од типот дека сме мала и небитна земја, но тоа е лага. Ние сме еколошка црна дупка на Европа и мораме да направиме дури и повеќе од останатите. Ако не се оправиме сами, друг не може да нè оправи.

Кои мерки треба да ги преземеме ние како граѓани?

Постои погрешна перцепција дека ако сами секој за себе применуваме позитивни мерки, од типот на почесто возење велосипед, помалку јадење месо и слично, проблемот сам од себе ќе се реши. Тоа е огромна лага. Општеството е премасовно за ваков стихиен пристап да вроди со плод, без систематска промена, организирана од највисоко ниво на лидерска политика. А таа политика може да се случи само ако врз лидерите биде направен доволен притисок од страна на граѓаните. Не велам да не се прават овие индивидуални мерки, но реално тие повеќе служат за смирување на сопствената совест и продолжување на практиката на одбивање да се соочиме со реалноста. Само со континуиран притисок, кој ќе ја изразува демократската волја на граѓаните, можеме да ги натераме да донесат план. Затоа, клучно е граѓаните да се информираат и активно да се приклучат во движењето за спас на животната средина.

Треба да знаете
Последни објави