Брегзит: Белгиските цариници нема да смеат да земаат одмор до 5 април

 Белгиската царина деновиве ќе ги информира своите вработени дека нема да смеат да земаат слободни денови од 26 март до 5 април поради неизвесноста околу Брегзитот, јавуваат белгиските медиуми утрово.

Белгиската служба за царини и акцизи одлучи да преземе превентивни мерки во пресрет на можно напуштање на Велика Британија на ЕУ без договор, што би можело да создаде голем хаос на границите. Сите вработени ќе добијат електронска пошта оваа недела во која ќе им се соопштат мерките.

– Нашата администрација се подготвува за тврд Брегзит, значајното зголемување на контролите ќе бара максимален капацитет од наша страна. За време на критичните седмици, царините ќе бидат поангажирани, затоа и неработните денови ќе им бидат ограничени, стои во информациите од царинската служба до вработените.

Во јануари белгиската Влада даде зелено светло за вработување дополнителни 141 цариници само за Брегзит и 245 подоцна, информираат од Министерството за финансии.

Обединетото Кралство треба да ја напушти ЕУ на 29 март, британскиот Парламент го отфрли договорот за Брегзит, кој требаше да овозможи уредно напуштање. ЕУ најави дека интензивно се подготвува за хаотичен Брегзит.

Треба да знаете
Последни објави