Политичката состојба и економскиот напредок, се во фокусот на интерес на 15 законодавци од осум земји – членки на Алијансата, кои како делегација на Поткомитетот за транзиција и развој на ПС на НАТО, преку средби на највисоко политичко ниво во овие два дена, ќе го изготвуваат извештајот за напредокот во контекст на безбедноста и нејзината транзиција во насока на членството во НАТО.
Предолго време Република Македонија плаќаше политичка, економска, па дури и културна и цивилизациска цена заради застојот во можноста да ги исполни своите стратешки правци, нагласи Илија Димовски, шеф на делегацијата на Собранието на Република Северна Македонија во ПС на НАТО, на денешната тркалезна маса на тема „Политичката ситуација во земјата, регионалните односи, економските реформи и односи со НАТО”, на која учествуваа и членовите од Делегацијата на Поткомитетот за транзиција и развој на ПС на НАТО. Постои енергија, истакна тој, да се искористи овој момент сите заедно да помогнеме Македонија што е можно побрзо да ги исполни своите стратешки цели.
– Оваа држава направи многу болни и тешки одлуки, и оттука искрено кажуваме дека очекуваме силна поддршка токму заради тие причини и заради тоа што веќе долго време сме посветени на оваа патека, рече меѓу другото Димовски.
Пратеничката Аусрин Армонате, потсетувајќи дека нејзината земја Литванија, денеска го ратификува Протоколот за пристапување во НАТО, нагласи дека посетата е мисија на откривање факти за политичката и економската ситуација во Северна Македонија. Напомена дека членовите на делегацијата не говорат во име на целата Алијанса, туку само во име на делегацијата.
– Научивме дека Северна Македонија има спроведено големи реформи што се предуслов за членството во НАТО. Подобрувањето на односите со соседите и решавањето на спорот за името е голем чекор напред и предуслов за членство во Алијансата и во ЕУ, рече Армонате.
Иванс Клементиевс, член на делегацијата, информирајќи дека во април годинава НАТО ќе прославува 70 години од постоењето, истакна дека некои земји-членки ќе бидат против приемот на земјата, затоа што, како што рече, имате висок ризик на корупција. Во таа насока ги праша пратениците од Собранието дали има посебни консензуални програми за борба со корупцијата, затоа што тоа го кочи економскиот раст.
Одговарајќи на ова прашање Весел Мемеди, потпретседател на Собранието нагласи дека нашата земја ги користи најдобрите начини како да се бори против корупцијата, но целосно да се искористи, рече, е навистина тешко, дури и за земји кои се високоразвиени. Информираше дека само пред еден месец е формирана Комисија за борба против корупцијата, а донесени се низа измени и дополнувања на многу закони за да се засили улогата и да се зголемат овластувањата за проверка и контрола на банкарските сметки и трансферот на средства на владините и останатите функционери. Наведе дека сите членови на претходната Комисија си поднесоа оставка поради корупцијата кај некои нејзини членови.
– Владата во овој момент покажува волја правната држава да биде колку што е можно посилна. Се носат многу измени и дополнувања, особено во делот на правосудството, во насока на борбата со корупцијата, рече Мемеди.
Пратеникот од СДСМ Хари Локвенец парламентарното мнозинство и владата имаат изработено страстешки документи што се поврзани со борбата против корупцијата. Иработена е стратегија, подвлече, за борба против тероризам и екстремен тероризам, а во моментот во процедура е новиот закон за јавно обвинителство, кој како главен аспект ја има новата форма на функционирање на СЈО, од аспект на гонење на висока корупција.
За Осман Аскин Бак, пратеник од Турција и потпретседател на ПС на НАТО, Македонија е клучен фактор на Балканот во однос на одржувањето мир и хармонија. Најави дека претседателот на Собранието на Турција Мустафа Шантоп, кој, како што рече, има потекло од Северна Македонија, на 25 – март доаѓа во посета на Скопје.Праша дали е можен консензус на политичките партии во Собранието во врска со членството во ЕУ со оглед на тоа што според последните анкети 25 проценти од граѓаните на државата мислат дека главен проблем е економијата.
Фросина Ременска, пратеничка од СДСМ во одговорот на ова прашање меѓу другото истакна дека од ратификацијата на договорот за пријателство со Бугарија, трговската и туристичка размена е зголемена за повеќе од 25 проценти, сметано од 2007 година до денес. Од ратификацијата на Преспанскиот договор и уставните измени, споредбено со минатата, трговската размена со Грција е зголемена за повеќе од 12, 5 проценти.
– Очекуваме во следниот период на планот на економскиот развој и соработка со Република Грција е во делот на енергетиката, овозможувањето на транзитот на гас, нафта и унапредување на целокупната инфраструктура што ќе значи можност за користење на ове природни ресурси не само за регионот, туку и во Европа, рече Ременски.
Пратеничката од ВМРО – ДПМНЕ Магдалена Манаскова истакна дека борбата против корупцијата е во фокусот на реформскиот процес на Собранието, покрај останатите клучни реформски области судството, разузнавањето, реформите во безбедносните служи и во јавната администрација.
– Како опозиција ќе останеме конструктивни по сите законски реформски решенија. Се надевам дека ќе бидат донесени со целосен консензус на сите парламентарни партии, но во редовна постапка со можност за активно учество на опозицијата во нивното донесување, нагласи Манаскова.