Судот им одреди мерка притвор на возачот на автобусот на „Дурмо Турс“, како и на сопственикот и раководителот на компанијата, за автобуската несреќа на автопатот Скопје – Тетово кај Ласкарци, во која животот го загубија 15 патници.
За две лица за кои обвинителството бараше притвор, судот определи мерка куќен притвор, додека за уште две лица се одредени мерки на претпазливост.
„Постапувајќи по предлог на Основното јавно обвинителство за определување мерка притвор за шест лица и мерки за претпазливост за едно лице, кои денеска беа спроведени во судот, судија на претходна постапка по произнесување на лицата како и ценење на фактите и доказите приложени во предлогот , донесе решенија со кои : За Д.Б. Р.М. и М.Т го прифати предлогот на обвинителството и им определи мерка притвор во траење од 30 дена заради постоење на основите од член 165 ст.1 т. 1, 2 и 3 од ЗКП. За И.Ѓ. , Г.Д. и Ј.Б. го одби предлогот на обвинителството за определување мерка притвор со тоа што на И.Ѓ. и Г.Д им определи мерка куќен притвор, заради постоење на основите од член 165 ст.1 т. 1, 2 и 3 од ЗКП, додека на Ј.Б. му определи мерки на претпазливост. За В.Г. го прифати предлогот на обвинителството за определување мерки за претпазливост“, се вели во соопштението на судот.
Претходно денеска, обвинителот Сашо Рајчев од скопското Обвинителство излезе во јавноста со детали од истрагата.
Тој рече дека неисправните сопирачки на автобусот и недозволената брзина на движење, како и пропустите во работењето на компанијата, се главните причини за несреќата кај Ласкарци, што се случи на 13 февруари.