Во Кривичниот суд во Скопје за денеска се закажани нови рочишта за предметите „Таргет-Тврдина” и „Тендери” на Специјалното јавно обвинителство.
Во предметот „Таргет-Тврдина” на Специјалното јавно обвинителство обвинети се поранешниот началник на Петтата управа во МВР Горан Грујевски, Никола Бошкоски, поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, поранешниот директорот на УБК Сашо Мијалков, Тони Јакимовски, Владимир Варелов од УБК и уште пет други лица од Управата.
Според обвинителниот акт, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, во периодот од 2008 до 2015 година незаконски биле следени 4.286 телефонски броеви за кои воопшто не биле издадени судски наредби.
Комуникацијата била следена пред да бидат издадени и по завршување на траењето на важноста на судските наредби на 1.541 број или вкупно 5.827 телефонски броеви. Прислушувани биле над 20 илјади граѓани.
Во „Тендери” првообвинета е поранешната министерка за култура Елизабета Канческа Милевска.
Според обвиниението, дел од градежните работи во Музејот се вршени во корист на правното лице „Бетон” од Штип. Пред да се објави оглас за доделување договор за јавна набавка и пред да се спроведе постапката, спротивно на Законот за јавните набавки, Канческа-Милевска преку разговори со генералниот директор на градежното претпријатие „Бетон” од Штип наложила да се продолжи со работа на Музејот, каде што се изведувале градежни работи по претходно склучен договор за јавна набавка.
Судењето за случајот „Тендери” продолжува на 14 март.