Адвокатот на Бесир Беља, Насер Рауфи побара да има второ мислење од Институтот за судска медицина за смртта на Никола Саздовски Саздо, бидејќи според него, имало многу контрадикторности во одговорите на вештакот, како пример околу тоа дека ударите се случуле за краток временски интервал.
На денешното рочиште од судењето за убиството на Саздо сведочи вешто лице од Институтот за судска медицина, кое претходно одговараше на прашањата на обвинителството и кој потврди дека Саздовски починал од силен удар во глава, но не од удар со главата во асфалт или кутија на ЕВН. На почетокот одбраната на обвинетите бараше пак да сведочи невропсихијатарот Александар Марцекиќ за да се утврди колку страдал Саздо од тепањето, но судот го одби нивното барање.
Рауфи го праша вештакот дали ударот со рака е посилен од тој со нога?
-Бидеќи главата е мобилен дел на телото и при проценка на тежина на самата повреда освен јачината на ударот е и самата подвижност на мозокот во черепната празнина. Несомнено е дека во најголем број случаи ударот со нога е посилен, но при удар со тупаница од одреден агол доаѓа до движење на мозокот во черепната празнина со истегнување на нервноваскуларниот апарат, така да и еден удар под агол може да биде фатален, а тука збориме за три повреди на три различни локации на глава добиени за кратко време. Секоја од овие повреди е со јак интензитет и може да изгуби свест, рече вештакот.
Рауфи пак инсистираше на одговор дали се сигурни дека повредите не настанале од пад на бетон или кутија, и дали кога бил во легната позиција и добил удари со нозе не допрел со главата на кутијата.
-Ако покојниот удрил со глава во металната кутија, па и да е тоа од удар со нога во лицето кај него нема удари од тврд предмет со мазна површина кои би довеле до таков вид на повреда на кожата. Такви повреди не се констатирани. Конкретната кутија преставува тапо тврдо средство, а не сила зашто таа не е директно искористена за да се нанесе удар. Станува збор за тврда подлога, асфалт, гранки и листови и не се констатирани никакви слупувања, нагмечувања или рани добиени од пад или пасивно движење на главата или удар во кутијата. Самиот опис на повредата во десната јаболчна регија укажува на ограничено дејство на сила на ѓон со шара, рече вештакот.
Рауфи го праша вештакот што значи “настанот траел многу краток интервал”, а тој појасни дека врз основа на реконструкцијата, логиката и доказите за предметот, може да се заклучи дека настанот траел минута до две.
Адвокатот на обвинетиот Скендер Демири, Асмир Алиспахиќ, пак, го праша вештакот дали сите тројца обвинети со десната рака го удирале Саздовски.
-Не е возможно сите тројца во ист момент во иста локација да го удрат. Во случајов има три повреди во глава и една во слабината. Овие повреди може да настанат со најмалку 4 удари во конкретните регии. Можно е две тупаници да бидат зададени во конкретна регија од едно или повеќе лица, а тоа не може да се утврди врз основа на констатираните повреди кои се од силен интензитет. Ова мислење го темелам врз основа на обдукцијата каде во десната страна на лицето е констатирана повреда нанесена со предмет со шара која не може да насатане со тупаница, а во изјавата на еден сведок на реконструкцијата, кога веќе бил паднат сега покојниот еден од сторителите го удрил со нога во глава. Повредата во десната темена регија за која се обидува да се каже дека е со удар од кутијата, доколку тој удрил со главата во таква рамна површина ќе беше со хематом поголем од три по три на дијаметар. Сите овие повреди се опшани во обдукциониот наод и можат да бидат анализирани од било кој друг експерт од областа на судската медицина, рече вештакот.
Даниела Вељановска