Косовскиот вицепремиер Енвер Хоџај изјави денеска дека е јасно оти зад минатогодишното убиство на политичарот Оливер Ивановиќ, еден од лидерите на косовските Срби, стојат властите во Белград, а нарачател е претседателот на Србија Александар Вучиќ, јави дописникот на МИА од Приштина.
Реакцијата на Хоџај е одговор на изјавата на директорот на Канцеларијата за Косово во српската Влада Марко Ѓуриќ, кој денеска истакна дека одоворни за убиството на Ивановиќ се претседателот на Косово Хашим Таши и парламентарниот спикер Кадри Весели.
Хоџај, кој е актуелен вицепремиер и поранешен шеф на косовската дипломатија, за „Газета Експрес” изјави дека е „општо познато” оти „Белград е стожерот на тие кои стојат зад убиството на српскиот политичар”.
Потврда за ваквото тврдење, вели тој, е фактот дека самата српска држава го засолнува и го штити Милан Радојчиќ, човекот кој е еден од главните осомничени за атентатот.
– Србија е одговорна за убиството на косовскиот политичар Оливер Ивановиќ. Политичките налогодавци во Белград на главниот осомничен за убиството, Милан Радојчиќ, не само што го штитат и го поддржуваат, туку и го попречуваат расветлувањето на овој злосторнички чин преку клевети и пропаганда, изјави Хоџај за приштинскиот портал.
Според косовскиот вицепремиер, „изјавите на Вучиќ и на неговите потчинети, кои му служеа на злогласниот режим на Слободан Милошевиќ, ги заплашуваат косовските Срби за да не соработуваат со властите во Косово за расветлување на убиството на Ивановиќ”,
Тој вели дека убијците на Ивановиќ се наоѓаат во Белград, а нарачател на убиството е самиот претседател на Србија Александар Вучиќ.
– Косово останува длабоко посветено на решавањето на овој случај што поскоро, бидејќи адресата на ова злосторство е Белград, а одговорен е самиот претседател Вучиќ, изјави вицепремиерот Хоџај.