Унгарскиот премиер Виктор Орбан треба да направи повеќе за неговата партија Фидес да не биде исклучена од Европската народна партија (ЕПП), изјави денеска лидерот на парламентарната група на ЕПП, Манфред Вебер.
– Ако Орбан не успее да стекне доверба во следните денови кај партиите од ЕПП и критичарите, тогаш ќе се усложнат работите, истакна Вебер во интервју за германскиот весник „Шпигел.
Тој додаде дека „отстранувањето на билбордите е само почеток”.
Вебер на средбата со Орбан во вторникот во Будимпешта побара извинување за билбордите, како и стопирање на анти-ЕУ кампањата од страна на Орбан, како и Централно европскиот универзитет (ЦЕУ), основан од Сорос, да остане во Будимпешта.
Претходно, 12 партии членки на ЕПП од девет земји до сега побараа исклучување или суспензија на партијата на Орбан од редовите на европските демохристијани, од Белгија, Грција, Финска, Литванија, Луксембург, Холандија, Португалија, Шведска и Норвешка. Последната анти-ЕУ кампања на Орбан ја прелеа чашата за многумина во Европа. Кампањата беше јавно критикувана и од самата ЕК, поради билбордите на кои се појавува Јункер со милијардерот Џорџ Сорос, и во која се изнесуваат невистини за миграциските политики на ЕК.
Унгарија е и предмет на повеќе прекршочни процедури пред Европскиот суд на правда поради прекршување на правото на ЕУ.
Јункер, кој е исто така член на ЕПП, повеќе пати се изјасни за исклучувањето на унгарската партија членка и оцени дека таа не ги дели демохристијанските и европските вредности на своите сестрински партии.
ЕПП за исклучувањето или суспензијата на Фидес ќе се дискутира на 20 март.
Орбан вчера испрати писмо до лидерите на европските конзервативни партии кои побараа исклучување на неговата партија Фидес од ЕПП.
Во писмото, Орбан се извинува за користењето навредлив јазик, но наведува дека нема промени во политичките ставови.
ЕПП е најголемата и највлијателната политичка група во ЕУ, со мнозинство во сите клучни институции и над седумдесет партии членки на целиот континент. Во пресрет на изборите за ЕП во мај, партијата стравува дека ќе го изгуби мнозинството во полза на радикалната десница, на која најверојатно Фидес би се приклучила доколку биде исклучена од редовите на центар-десната опција.