Градскиот татко со електричен тротинет се вози низ Скопје
Градскиот татко Петре Шилегов е фотографиран како со електричниот тротинет се вози низ Скопје.
Електричен тротинет може да си купите и вие, а ако исполните услови град Скопје ќе ви го субвенционира.
Во октомври 2018 прв пат се распиша јавниот повик со кој се субвенционираат електрични тротинети.
За оваа намена градските власти решија да издвојат скоро милион денари а јавниот повик ќе биде реализиран по принципот „прв дојден, прв услужен“.
– Целта на оваа мерка е стимулирање на граѓаните за помасовно користење електрични тротинети како алтернативно превозно средство, соопшти Град Скопје.
Максималниот износ за поединечна субвенција за купување електричен тротинет по лице се утврдува во износ од 50 отсто од вредноста на електричниот тротинет, но не повеќе од 10.000 денари по лице, со вклучен персонален данок на доход.
Условите за учество се исти како и кај јавниот повик за субвенции за велосипеди. Право на учество на јавниот повик имаат жителите на Град Скопје кои треба да достават барање за надомест, доказ за жителство во главниот град, копија на важечка лична карта на барателот, копија од трансакциска сметка на барателот. Потребно е да се достави и доказ дека е извршено купување на нов електричен тротинет и тоа со копија од фискална сметка или фактура и извод од деловна банка со датум од денот на објавување на повикот.