Премиерот Заев на отворање на изложбата „100 години Требениште“: Требениште е безвременска загатка која обединува и која за првпат се претставува во нејзината блескава целина

Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, кој воедно е и покровител, ја отвори изложбата „100 години Требениште“ поставена во Националниот археолошки музеј на Република Северна Македонија, како резултат на заедничката соработка меѓу Националниот археолошки музеј на Република Северна Македонија во Скопје, Народниот музеј во Белград и Националниот археолошки институт и музеј при бугарската академија на науки во Софија, каде што се чуваат вредните артефакти од локалитетот Требеништа, откриени во различни декади на минатиот век.

-Kолку е убаво кога сме заедно сите и тоа нé исполнува сигурно сите. Денеска сме на настан кој ни овозможува средба со историја стара 27 векови. Отворањето на изложбата „100 години Требениште“ е наслов на приказната за скапоцените траги на една исклучително богата култура откриена пред 100 години во близина на Охрид, или некогашен Лихнидос. Пред 100 години започна да се одмотува филмската лента исполнета со артефакти за една мистериозна, историска и културна загатка, која денеска, овде, во Археолошкиот Музеј во главниот град на Република Северна Македонија, ги обединува сите три дела од нејзината блескава севкупност- изјави Заев.

Таа е исклучително значајната иницијатива на трите институции: Националниот археолошки музеј на Република Северна Македонија во Скопје, Народниот музеј во Белград и Националниот археолошки институт и музеј при бугарската академија на науки во Софија, каде што се чуваат вредните артефакти од локалитетот Требеништа, откриени во различни декади на минатиот век.

Раководителите и кустосите на овие институции направија историски чекор кога се согласија дека најсоодветен начин да се прослави 100 годишнината од откривањето на првите артефакти од овој археолошки локалитет, е да се подготви изложба во која за првпат во историјата ќе се претстават заеднички сите наоди од некрополата кај Требениште.

Изложбата со нејзините околу 400 вредни археолошки предмети, заедно со фотографиите и архивските наоди, има за цел да ги прикажe митот и загатката за Требениште. Милиони вредни информации и одговори откриваат мноштвото погребни маски, златни апликации во облик на рака, сандали, алки изработени од злато, сребрени ритони, кантароси, бронзени садови, предмети од сребро, килибарни ѓердани и друг накит, оружје и керамички предмети и што уште не.

Почитувани, Требениште е безвременска загатка која денес обединува. Загатка која за првпат во својата историја пред нашата и светската јавност се претставува во нејзината блескава целина, и која од Скопје потоа ќе замине да биде претставена пред јавноста во Србија и Бугарија.

Оваа благородна иницијатива говори за одважноста и за доблеста на слободоумните и прогресивни лидери во науката и уметноста да ги тргнат разликите настрана и да се фокусираат на нештата што обединуваат, наместо на нештата што разделуваат. Резултат на оваа иницијативност, која прифаќа дека разликите можат да се трансформираат во скапоцен дар за соработка е оваа изложба. Изложба која трите земји ја принесуваат пред олтарот на светските цивилизациски вредности за да сведочи и низ придонесот на Требениште, за немерливото и непроценливото културно-историско наследство што овој  регион, Балканот, го има во своите археолошки локалитети- вели Заев.

Според него златните маски и другото археолошко богатство од Требениште предизвикуваа многу генерации археолози да ја откријат приказната за непознатата аристократија што живеела крај брегот на Охридското Езеро во текот на периодот од 6-тиот до 4-тиот век пред нашата ера.

-Сега епилогот, заокружената приказна за загатката Требениште, имаат шанса заеднички да ја решат националните историско-археолошки институции од Бугарија, Србија и Северна Македонија, а зошто да не, и во соработка со соодветните институции од Грција.Токму затоа, со оваа изложба и заедничка иницијатива, приказната за Требениште и за нејзините историско-археолошки вредности сега добива една нова голема шанса, која јас со целото свое битие и Владата која ја водам искрено ја поддржуваме.

 

 

Треба да знаете
Последни објави