Во мултимедијалниот културен центар „Матица ексклузив“, денеска во 19 часот ќе се одржи промоција на книгата „Крв и злато“ од несомнено најголемото книжевно име на Унгарија во 20. век, Ендре Ади.
По повод стогодишнината од смртта на Ендре Ади, во неговата родна земја годинава се организираат низа чествувања и научни собири, а ќе бидат објавени и критички изданија од богатото творештво на овој автор, со толкувања на врвни познавачи на неговото дело.
Преку длабоките и емотивни пораки, создадени во духот на народната традиција, Ендре Ади воспостави јасни тематски релации, а народниот дух го воздигна на високо рамниште. Како поет на чистата и непосредна чувствителност кон љубовните и социјалните теми, во поезијата ја внесе лирската емотивност и чувствителност и ја афирмира самосвојноста на поетскиот глас.