АХВ: Дрско и неодговорно е Алијанса за Албанците да се меша во нашата внатрешна организација

Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) најостро ги демантира наводите на политичката партија Алијанса за Албанците, од каде денеска во соопштение обвинија дека во Агенцијата има сѐ помалку вработени Албанци.

Од АХВ истакнуваат дека ваквите обвинувања се водени од политикантство, со цел собирање на ситни политички поени во пресрет на претстојните претседателски избори.

„Крајно дрско и неодговорно е сериозна политичка партија да се меша во внатрешната организација и работењето на државна институција како што е Агенцијата за храна и ветеринарство, која и во вработувањето на потребниот кадар и во функционирањето се води исклучиво практикувајќи високи професионални стандарди, почитувајќи ги позитивните законски прописи“, се наведува во соопштениоето на Агенцијата.

Од АХВ најостро го осудуваат обидот на политичката партија, како што се вели, преку ширење на национализам да ја девалвира работата на Агенцијата.

„Вработувањето е уставно загарантирано право на секој граѓанин, вклучително и во нашата институција, која ниту во минатото, ниту сега, помеѓу граѓаните не прави разлика, по било кој основ“, стои во соопштението во кое се додава дека Агенцијата при вработувања и унапредувања води сметка за професионалните стандарди и го запазува етничкиот состав.

Треба да знаете
Последни објави