Оваа недела имавме шанса да видиме импресивни настапи на најдобрите напаѓачи во светот, почнувајќи од хет-трикот на Роналдо против Атлетико Мадрид, па завршувајќи кај Серхио Агуеро, чиј Манчестер Сити го демолираше Шалке со 7:0.
На социјална мрежа се појави видео со одличен графички приказ кој покажува колку постигнати погодоци имаа во одреден дел од нивната кариера напаѓачите од светска класа.
Во динамичната статистика која прикажува колку погодоци имаа на различна возраст најдобрите напаѓачи во светот се споделени податоци од Лионел Меси, Кристијано Роналдо, Кун Агуеро, Луис Суарез, Вејн Руни, Роберт Левандовски, Карим Бензема и Гонзало Игуаин.
Прикажувањето на податоци започнува од периодот кога фудбалерите имаа по 20 години и 8 месеци, а на таа возраст Серхио Агуеро е далеку пред другите со 66 постигнати погодоци. Руни, кој дотогаш играше за Евертон и Манчестер Јунајтед, имаше постигнато 56 погодоци, додека Меси и Роналдо имаа 38, односно 25 гола.
Откако Роналдо замина во Реал Мадрид, тој и Лионел Меси „експлодираа“ – нивната продукција се зголеми, почнаа да стануваат машини за постигнување голови и да владеат со светскиот фудбал. Споредбата престанува во моментот кога Меси има 31 година и 8 месеци, со постигнати 650 погодоци, а во истиот момент Роналдо на 34-годишна возраст има постигнато 677 гола.