Европската шаховска елита од утре па во наредните две недели ќе престојува во Скопје на Поединечното Европско првенство во шах кое ќе се одржи во хотелот „Хилтон Дабл три“, со рекорден број на учесници.
Според претседателот на Шаховската федерација на Македонија, Благоја Богоевски станува збор за голем спортски настан, можеби најголем од Шаховската олимпијада во Скопје во 1972 година.
– На првенството ќе учествуваат околу 400 учесници од 44 држави и според бројот на учесници едно од трите најголеми европски првенства. Бројката е за респект ако се има во предвид дека бројот на учесници е секогаш голем во државите каде има голем број на домашни шахисти, што кај нас не е случај. Очекуваме убав шаховски настан, убаво натпреварување за Македонија. Навистина беше тешко и напорно да се организира сето ова. Благодарение на помошта од Владата на РМ, општината Аеродром и Агенцијата за млади и спорт успеавме да го подготвиме овој настан и ја користам оваа прилика да ги поканам сите љубители на шахот на свеченото отворање в недела во хотелот Хилтон, рече Богоевски.
Според него, Македонија со околу 15 учесници нема големи шанси, освен Кирил Георгиевски кој може да оствари подобар пласман.
– Станува збор за жестока конкуренција бидејќи првенството е во ранг на квалификации за Светско првенство па конкуренцијата е силна. Најголем број од учесниците се велемајстори, професионалци во вистинска смисла на зборот и кои заработуваат за живот од овој спорт, што овде во Македонија ни е непоимливо. Само Русите доаѓат со над 60 шахисти. Не можам да издвојам фаворити, но тука е Хрватот Иван Шариќ, кој ја брани титулата европски првак, не смее да се заборави ниту Украинецот Руслан Пономариов и други, вели Богоевски.