Италијанската „ФЦЛ Амбиенте“ која до сега оперираше со депонијата „Дрисла“ требаше да инвестира околу 72 милиони евра, велат од политичката партија „Левица“.
„Требаше да изградат нова депонија, нова постројка за медицински отпад, автоматизирана перална за камионите, нова механизација, опрема и административна зграда. Од тоа нема ништо и според тврдењата на градоначалникот Шилегов, изминативе седум години депонијата работи исклучиво со средства кои ги вложува градот“, додаваат од партијата.
Од таму истакнуваат и дека со најновиот развој на настаните, Шилегов одлучил предавањето на депонијата „Дрисла“ во рацете на германската компанија „Шолц“ да се случи по претседателските избори.
„Само медицинскиот отпад кој се гори во Дрисла од 115 тони во 2000 година е пораснат за осум пати на фантастични 891 тони во 2017! Ако се знае дека увозот на медицински отпад е забранет, нејасно е како е можно толку да пораснал?! На страна медицинскиот отпад, колку за илустрација само во 2016 година во Македонија е увезено околу 119 илјади тони опасен отпад“, се наведува во партиското соопштение.
Од „Левица“ истакнуваат дека се додека се прават милионски профити од нашата болест, процесот ќе продолжи.
„Македонија, слично како и другите сиромашни држави во регионот, полека се претвора во депонија на богатата Европа. Потребно е итно напуштање на профит-моделот. Враќање на Дрисла во рацете на градот и вложување во нова модерна депонија. Воведување најстрога забрана на било каков увоз на отпад“, нагласуваат од „Левица“ додавајќи дека здравјето на обичните граѓани мора да биде пред профитите на богатите.