Како надпартиски кандидат јас сум погрешна адреса за барање одговорност или извинување за настаните од 27 април, вели претседателскиот кандидат, Гордана Силјановска-Давкова, во однос на изјавата на нејзиниот противкандидат, Стево Пендаровски дека таа го релативизира настанот.
„Одлучив да не одговарам на ниски провокации и недолични прозивки, дури и кога доаѓаат од врвот на владејачката партија, на и противкандидатот Пендаровски се придружи на партискиот хор, импутирајќи ми нешта кои не сум ги рекла“, вели во реакцијата Силјановска-Давкова.
Таа истакнува дека е подготвена во ТВ дуел да ги соочи аргументите за кршењето на процедуралните правила за правично судење со Пендаровски.
„Подготвена сум и да потсетам дека токму оваа власт го амнестираше Крсто Мукоски од директната одговорност за последиците од насилството во Собранието, а со цел да обезбеди промена на Уставот. Прашувам дали планираат да ѝ се извинат на македонската јавност за уривањето на правната држава и за флагрантното кршење на човековите права, и на национално и на индивидуално ниво“, додава Силјановска-Давкова.
Таа смета дека на ТВ дуел најдобро ќе ѝ се предочи на македонската јавност кој е одговорен за, како што вели, травестијата на правдата и отстапувањата од принципите на Европската конвенција за човекови права.