Лидерот на Евролигата, Фенербахче ја запиша 22-та победа во регуларната сезона против Барселона со 88:82. Турските кошаркари имаа негатива од 9 поени пред последната четвртина, но благодарение на силната игра на Костас Слукас, тие се вратија во игра и го израдуваа тренерот Жељко Обрадовиќ.
– Во второто полувреме направивме само четири грешки и имаме 4 украдени топки. Барса направи 9 грешки, што се покажа како клучно. Бевме агресивни и подготвени да ја бараме победата до последен момент. Навистина сум горд на начинот на кој ја свртивме играта во последните 10 минути, рече српската легенда.
Натпреварот ќе биде запаметен и по протерувањето на менторот на Барселона, Светислав Пешиќ. Тој ја оспори одлуката на судијата, набрзина доби две технички грешки и беше испратен во соблекувалната од судијата Луиџи Ламоника во првата минута од средбата.
Јака Блажиќ одигра силен дуел и постигна 15 поени, а по третата чатвртина, Каталонците водеа со 61:52. Тогаш Слукас ги презеде работите во свои раце и нанижа 12 од своите 22 поени во последните 10 минути. Гркот беше прецизен во своите пет шута од дистанца. „Фенерите” шутнаа рекордни за Еврлоигата 38 пати за три поени и реализираа 17 од нивните обиди.
Анте Томиќ запиша 12 поени и 5 скока за Барселона, а Крис Синглтон се истакна со 12 поени, но шпанскиот клуб остана на 6-тото место на табелата со 15 победи и 11 порази.
Во другите натпревари синоќа Басконија ги декласираше Будуќност со 82:62, а Панатинаикос ја совлада ЦСКА (Москва) со 78:77 како гостин.
Грците триумфираа по тројка со сирената на Ник Калатес и задржаа шанси да се квалификуваат за плеј-офот. Тие се 9-ти во ранг, но со ист број поени со осмиот Олимпијакос.