На 43-тата Седница на Централниот Одбор на ПОДЕМ присуствуваше Гордана Силјановска Давкова – кандидат за претседател од редовите на Коалицијата за Подобра Македонија. На состанокот присутен беше и Александар Николовски – потпретседател на ВМРО ДПМНЕ.
На почетокот свое обраќање имашепретседателот на ПОДЕМ, Живко Јанкуловски, кој рече дека со нивна максимална ангажираност, но и поддршка од мнозинството граѓани на Република Македонија, конечно земјата ќе го добие вистинскиот претседател на државата.
„Убеден сум дека со доаѓањето за претседател на Р Македонија на почитуваната професорка Гордана Силјаноска Давкова, можеме да очекуваме дека ќе направи се да ги стопира некои започнати, а сеуште недовршени предавнички проекти на сегашната власт, но и да го врати угледот , правото и правдата во Република Македонија“, рече Јанкуловски.
Силјановска изрази благодарност до ПОДЕМ. Таа потсти дека ја добила поддршката на Конвенцијата од ВМРО ДПМНЕ, од нејзините колеги, потоа и од ГРОМ, а вечерва и од ПОДЕМ.
„Мислам дека тоа значи, дека сите сме за подем кон подемократско општество, зошто така ќе бидеме поблиску до дестиницијата Европската унија, но тоа не е пат кон Брисел, туку тоа е пат – дома кон европеизација. Навистина сум допрена од атмосферата, од размената на ставовите, од љубопитноста, и со задоволство одговарав на нивните прашања. Заклучивме дека имаме слични ставови, што мислам дека е добра гаранција на следните избори, не заради мене, туку заради Македонија“, изјави Гордана Силјановска Давкова по состанокот.
На состанокот членовите на ЦО на ПОДЕМ поставуваа актуелни прашања до кандидатот за претседател и ги договорија идните насоки за што поуспешна изборна кампања на претстојните претседателски избори.