Африканските држави Мозамбик, Зимбабве и Малави денеска ги погоди страшен циклон кој одземал повеќе од 140 човечки животи, стотици лица се сметаат за исчезнати, а илјадници луѓе се отсечени од светот, главно во руралните средини.
Официјални претставници од владите на овие земји и ОН соопштија дека повеќе од 1,5 милиони луѓе биле погодени од циклонот Идај во овие три африкански земји, објави агенцијата АП.
Најголем удар претрпел пристанишниот град Бејра во Мозамбик. Аеродромот е затворен, нема електрична енергија, а стотици домови се уништени. Циклонот го погодил градот во четвртокот навечер и продолжил на запад кон Зимбабве и Малави, предизвикувајќи голема штета, особено во источните делови кои се граничат со Мозамбик.
Во бурата се уништени голем број куќи, училишта, болници, канцеларии и полициски станици, пренесуваат светските медиуми.