Петре Шилегов се врзува со сомнителни бизнисмени од Хрватска за кои има кривични истраги, нудејќи им ја скопската депонија, обвини портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски на прес-конференција.
„Со оглед на сомнителнотп минато и бизниси на партнерите кои ги одбра Шилегов постои сериозна загриженост дека најрадиоактивното и најопасно ѓубре од странство, може да се носи и рециклира токму тука во Скопје и со тоа да ги труе сите скопјани“, рече Арсовски.
Опозицијата тврди дека Петре Шилегов и Град Скопје во скопската депонија како партнери внесуваат конзорциум од германска, хрватска и македонска фирма, а македонската фирма е со хрватски капитал, но со сомнителни сопственици со криминално досие за кои се водат истраги и за кои има кривични пријави во Загреб, односно Хрватска.
„Прашуваме, дали е точно дека нов партнер на Шилегов како градоначалник на Градот Скопје, ќе биде контроверзниот хрватски бизнисмен Петар Припуз, сопственик на хрватската компанија за рециклажа на отпад ЦИОС. Дали е толно дека за истиот Петар Припуз се водат повеќе случаи за корупција, даночно затајување, како и оштета на градот Загреб, каде што заедно со загребскиот градоначалник Милан Бандиќ беше уапсен пред извесно време. Партнерот на Шилегов и Градот, Петар Припуз, исто така се товари дека затаил над 13 милиони евра данок, со тоа што издавал фиктивни фактури на фирми кои требало да му бидат добавувачи и никогаш не се утврдило дали навистина отпадот бил купен од негова страна односно стигнал физички кај него. Дали сега Припуз, откако е контаминирана неговата работа и неговата фирма во Загреб и Хрватска, си наоѓа нов партнер во Градот Скопје и во Петре Шилегов како градоначалник, за да може да реализира нови сомнителни бизниси со овој најопасен отпад кој што го увезува и рециклира?“, праша Арсовски.
Тој рече дека никој не води контрола колку и каков отпад се увезува во Република Македонија, а сега откако овие структури на чело со Петар Припуз влегуваат да работат во Скопје, постои сомневање дека целиот тој отпад од странство ќе се увезува тука и ќе се рециклира тука во Скопје, а најголемата штета ќе ја трпат скопјани, патем ќе бидат труени.
Арсовски рече дека секаде низ светот, бизнисот со рециклажа на отпад и отпадни материи се смета за еден од најкоруптивните и најдобрите пералници на пари и праша дали скопјани ќе се трујат од радиоактивен отпад кој ќе се рециклира токму тука во депонијата во Скопје.
Тој ги повика граѓанските организации, надлежните институции, министерството за животна средина и останатите, да го запрат во намерите Петре Шилегов, бидејќи се работи за животот на сите скопјани.