На покана на поранешниот шеф на грчката дипломатија, Никос Коѕијас, министерот за надворешни работи, Никола Димитров денеска учествуваше на меѓународната академска конференција по повод одбележување на дваесет годишнина од основањето на одделот за меѓународни и европски студии на Универзитетот во Пиреас.
Како што информираат од ресорното министерство, на конференцијата насловена „Грчката надворешна политика во 21 век“, Димитров имал свое обраќање на панелот тематски посветен на „Трансформацијата во Југоисточниот Медитеран“.
Во текот на своето обраќање, министерот се осврнал на потпишаните договори со Бугарија и Грција и на нивното влијание во подобрувањето на односите и соработката во регионот.
„За Северна Македонија, меѓу другото, ова значеше отворање на патот за членство во НАТО и ЕУ. Тоа исто така е победа на надежта над другите емоции, победа на долгогодишно лидерство над дневната политика. Тоа не се случува често, бидејќи најлесно е да не се допира проблемот или да се допре на начин што ќе донесе дневно политички поени. Она што беше тешко е да се најде решение, компромис”, рекол Димитров во своето излагање.
Од МНР додаваат дека тој зборувал и за состојбите во регионот, велејќи дека за нашиот регион не постои друга алтернатива од европската иднина.
„Не можеме да чекаме работите да се случат сами по себе во нашиот регион. Мора сами да ги создадеме. Единствен начин тоа да се направи е преку создавање пријателства, отворање врати, градење мостови на разбирање и унапредување на демократските процеси во нашите општества”, посочил Димитров.
Во рамките на работната посета на Атина, покрај средбата со Претседателот на грчкиот Парламент, Николаос Вуцис, министерот остварил билатерална средба и со грчкиот колега Џорџ Катругалос, на која се разговарало за повеќе аспекти поврзани со имплементацијата на Договорот од Преспа, како и за претстојната посета на премиерот Ципрас на нашата земја.