Принцот Чарлс и неговата сопруга Камила утре тргнуваат на својата карипска турнеја, со која ќе станат првите членови на британското кралско семејство кои ќе ја посетат комунистичка Куба и тоа во екот на зголеменото непријателство на најблискиот британски сојузник, САД, кон оваа држава.
Кралската двојка на 24 март ќе слета во Хавана, каде што ќе поминат три дена и ќе вечераат со кубанскиот претседател Мигел Дијаз, кој минатата година го замени Раул Кастро, објави агенцијата „Ројтерс“.
Принцот Чарлс, наследник на британскиот престол, веќе се сретна со кубанскиот претседател во ноември минатата година, на неговиот 70-ти роденден, кога Дијаз беше во посета на Лондон.
„Ова е признание не само за кубанскиот народ, туку и за владата и им покажува на САД дека сепак не сме толку изолирани“, истакнала жителката на Хавана, Кира Љерена.
Ова патување се одвива додека администрацијата на Трамп интензивно се обидува да стави крај на она што го нарекува „тиранска тројка“ во Латинска Америка – социјалистичките влади на Венецуела, Никарагва и Куба. Оттука, најавената посета предизвика некои контроверзии.
Американскиот сенатор Рик Скот од Флорида, каде што се наоѓа најголемата заедница на кубански емигранти, јавно го покани принцот Чарлс да го откаже патувањето и наместо тоа да ја посети Флорида и да оствари средба со кубанските дисиденти.
Иако комунизмот и благородништвото тешко може да се сметаат за пријатели, во Хавана има мала спомен-градина во чест на принцезата Дијана, првата сопруга на Чарлс.
„Таа беше многу сакана во Куба“, изјавила 73-годишната Маргарита Рего од канцеларијата за историја на градот и додала дека Кубанците слушнале за неа од странски магазини.
Меѓутоа, повеќето луѓе во Куба знаат многу малку за британското кралско семејство, па така повеќето се рамнодушни на оваа посета.