Иако финансиски стојат многу добро и се на самиот врв по приходите и буџетскиот вишок, властите во хрватскиот град Света Недела се меѓу најштедливите во земјата.
Освен фактот што се меѓу градовите кои трошат најмалку на службени патувања, во изминатите две години постигнале дополнителни заштеди со продажба на дел од официјалниот возен парк на градот, пишува „Пословни дневник“.
За да се ослободат од непотребните трошоци, градските власти продадале три автомобили, а од продажбата заработиле повеќе од 175.000 куни (над 23.600 евра).
Со дел од парите, 90.000 куни (над 12.000 евра), купиле автомобил „сузуки свифт“, бидејќи, според градоначалникот на Света Недела, Дарио Зуровец, автомобил од таа класа подеднакво добро ја врши работата, како и некој од повисока класа.
Тој додал дека во секој аспект на работењето се обидуваат да бидат рационални, па намалувањето на возниот парк било сосем логично решение.