„Македонијо, време е да ја спречиме оваа еколошка катастрофа што се случува во Охрид и Струга“, порача кандидатката за претседател, Гордана Силјановска Давкова која денеска оствари средба со граѓаните од Општини Вевчани и Струга.
Од Струга, Силјановска потенцира дека беззаконие владее среде прекрасна природа, од Лагадин до струшкото крајбрежје.
„Ако ја сакаме Македонија ќе ја чуваме со закон. Македонијо, време е да ја спречиме оваа еколошка катастрофа што се случува во Охрид и Струга. До кога локалната самоуправа и Владата ќе го игнорираат гласот на граѓаните? До кога ќе се игнорираат препораките на еколошките невладини организации? Право и правда, наспроти профит и клиентелизам“, нагласи Силјановска Давкова.
Од Вевчани професорката истакна дека е кандидатката што се борела, се бори, и ќе се бори за зачувување на идентитетот и името македонско врз база на владеење на правото за сите граѓани.