Меѓународната асоцијација на кинематографи ИМАГО во присуство на светски познати имиња од филмската сцена, на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки” свечено му врачи награда за исклучителен придонес во промоцијата на филмската уметност.
Фестивалот Браќа Манаки беше единствената институција на која и беше доделено ова високо и престижно признание за време на одржувањето на Интернационалното собрание на Федерацијата на директори на фотографијата, на нивното второ издание на доделувањето на меѓународните награди во Белград.
ИМАГО прераснува во една исклучително значајна меѓународна асоцијација на кинематографите и тие ги доделуваат можеби вторите Оскари во кинематографијата, порача Евгенија Теодосиевска, директорката на фестивалот Браќа Манаки.
-За нас како Македонија и како култура, на меѓународен план, оваа награда ќе ни помогне да се профилираме меѓу оние што знаат како да организираат фестивал, како да добијат квалитетна програма и истовремено да имаат гости од меѓународно значење. Фестивалот Браќа Манаки ја заслужува оваа награда, изјави Теодосиевска.
ИМАГО, чија цел е промовирање на кинематографијата на меѓународно ниво, вклучува 53 друштва и има 4.300 членови на професионални сниматели од целиот свет.
-Ја добиваме оваа награда од Федерацијата на светските кинематографи ИМАГО токму во годината кога го одбележуваме нашиот значаен јубилеј 40 години од постоењето и оваа награда со тоа има поголема тежина и значај, изјави Благој Куновски – Доре, уметнички директор на фестивалот Браќа Манаки.
На свеченоста во Југословенската кинотека во Белград, награди им беа доделени и на познатиот американски кинематограф Едвард Лакман (Edward Lachman) за животно дело, на Рејчел Морисон (Rachel Morrison), кинематографка од САД и на оскаровецот Дејвид Стамп (David Stump) за извонредни технички достигнувања.