Најголем дел од граѓаните (76,6%) сметаат дека подароци и пари над 50 евра се облик на корупција, додека 100 грама кафе, бонбониера и слично не е мито (67,9%), покажува истражувањето на јавно мислење на тема „Корупција”, спроведено за емисијата „Детектор” на ТВ Сител, во која гостуваа претседателката на Транспаренси Интернешнал Слаѓана Тасева, претседателката на Државната комисија за спречување на корупција Билјана Ивановска и универзитетскиот професор Миодраг Лабовиќ.
Повеќе од половина од граѓаните (59,5%) би пријавиле случај на корупција, иако поголем дел од нив (74,7%) тврдат дека не се нашле во ситуација да понудат поткуп. Иако повеќето граѓани (73,5%) немале искуство со барање пари или услуга за да се заврши одредена работа во јавните служби, во таква ситуација се нашле повеќе од половина од земјоделците во земјава (54,4%), а искуство со поткуп како начин за добивање на одредена услуга имале и голем број на сопственици на приватен бизнис или самовработени (59,1%).
“Мислам дека тоа не е само перцепција. Тоа е реално искуство на граѓаните. Ние забележавме од оваа анкета дека најголем дел од луѓето од бизнисот рекле дека имале директно искуство со корупцијата”, рече Слаѓана Тасева од Транспаренси Интернешнл.
Генерално, проблемот со корупцијата во споредба со минатата година останува ист според дел од граѓаните (35%), според дел од нив тој се влошува (31,9%), а само според помал дел од нив (18,5%) тој се подобрува.
Главна причина зошто граѓаните сé повеќе ја губат довербата дека нешто ќе се реши со проблемот со корупцијата, според Слаѓана Тасева, е неефикасноста и затајувањето на институциите кои треба да водат истраги и прогон во случај на корупција. „Многу е битно да постои репресија, односно ефективни санкции за оние кај кои се утврдило дека сториле кривично дело, а тоа е она што затајува или не се случува. Немаме ефикасни механизми ниту за контрола, ниту за истраги, ниту пак за казнување на корумпираните”, вели таа.
Билјана Ивановска, претседателката на новиот состав на антикорупциската комисија кој за почеток го отвори прашањето за непотизмот при вработувањето, потврдува дека на комисијата ѝ претстои многу работа. „Постапувајќи по тие предмети (на непотизам при вработувањата) ние сакаме да им покажеме на граѓаните дека постои институција во државата која се грижи да ја спречи корупцијата, да го спречи судирот на интереси, едноставно да им обезбеди на граѓаните слободен живот”.
Во однос на политичката волја и градењето на механизими за справување со проблемот со корупција, професорот Миодраг Лабовиќ вели „Не може систем да се гради на политичка волја, бидејќи тоа е премногу флуидна, растеглива категорија. Треба да се направи систем кој ќе дава резултати и без да има политичка волја” – истакнува тој.
Новиот состав на антикорупциската комисија кај дел од граѓаните (32,4%) влева надеж дека борбата против корупцијата ќе се смени на подобро, додека пак речиси исто толкав дел од нив (32,1%) сметаат дека степенот на борба против корупцијата ќе остане непроменет.
За довербата кон новиот состав на Државната комисија за спречување на корупција, Ивановска вели дека „иако се обезбеди транспарентност при изборот на антикорупциската комисја, тоа не ја завршува работата. Со новиот закон, зголемен е бројот на надлежности кои ѝ се доверени на комисјата, а од друга страна моделот на финансирање останува ист како и човечките ресурси. Побаравме да го решиме прашањето за просторот, имаме опрема која треба да ја сместиме, со која ќе имаме пристап до дата-базите на 17 институции. Во тек е интер-операбилноста со која преку веб апликации треба да се поврземе со сите судови, обвинителства, но и тоа не можеме да го направиме затоа што ни е ограничен просторот каде што сме”, вели Ивановска и дополнува дека иако е од многу важно оваа алатка да се стави во фукција пред изборите, тие се загрижени дека тоа нема да се случи.
Нaјголем дел од граѓаните судството го ставаат на врвот на листата според степенот на корупција кој го перцепираат (15,5%). По судството граѓаните ги рангираат здравството (12,8%), полицијата (7,5%) и јавната администрација (3,4%). Огромен дел од граѓаните (66,4%) сметаат и дека има корупција во јавните набавки.
„Не е само перцепција ставот на граѓаните дека судството е корумпирано”, коментира Слаѓана Тасева од Транспаренси Интернешнл.
Учесниците во емисијата се согласни дека за справување со таа „системско ендемска корупција” како што ја именува проф. Лабовиќ, потребно е реформирање на јавното обвинителство. „Мислам дека треба да се тргне изборот на јавен обвинител од рацете на политика. Треба да се обезбеди јавност, јавно интервјуирање, еден систем на ветинг, каков што сега имаме во Албанија. Да се проверат тие луѓе не само од аспект на имотна состојба, туку и целокупното нивно работење” истакнува Тасева. Попродуктивно работење на антикорупциската комсија ќе се овозможи и со поврзувањето со системот на интер-операбилност со што „ќе се знае колку точно предмети од страна на комисијата се упатени во јавното обвинителство, дали се тие заглавени, дали се постапува по нив”, нагласува претседателката на антикорупциската комисија.
Мнозинството граѓани (65,9%) сметаат дека Македонија не ги исполнува стандардите и препораките на ЕУ во однос на проблемот со корупцијата, а доколку станеме членка на унијата според нив (53,6%) полесно ќе го надминеме предизвикот со корупцијата.
Истражувањето на тема „Корупција” беше спроведено од Институтот за политички истражувања од Скопје (ИПИС) во период од 28 февруари до 5 март, на 1120 полнолетни испитаници на ниво на целата земја, со користење на случаен примерок, стратификуван за да ја запази репрезентативноста на населението.