„Еуромакс рeсоурцес”, концесионер на рудникот за бакар „Иловица-Штука”,синоќа одржа неформална информативна средба со жители од општините Босилово и Ново Село. На средбата присутните беа запознати со потенцијалите за вработување и соработка со рудникот.
Според Никола Гулев, главен финансиски директор на компанијата, локалното население за нив е долгорочен партнер.
-Како дел од досегашната комуникација е и таа неформална средба, на која граѓани поставуваат прашања за проектот и да се запознаат со него, како и со тимот на „Еуромакс”. Поставени се два штанда од кои едниот е за вработување, односно каде жителите можат да постават прашања за вработување и доставување на апликации, а на другиот штанд има можност да се комуницира со локалните бизниси за понатамошна соработка, рече главниот финансиски директор на „Еуромакс ресоурцес”, Гулев.
Стојан Иванов од село Еднокуќево побара рудникот да се отвори, бидејќи како што рече од земјоделство и сточарство се потешко се живеело.
-Тој ни е последна надеж да се вработиме и да имаме егзистенција. Од земјоделството немаме ништо, рече Иванов, кој додаде дека порано имал 50 овци и 20 кози, но млекото немало добра откупна цена и морал да ја продаде стоката.
Додека траеше средбата активисти на граѓански организации кои се против отворање на рудникот со протест го искажаа своето незадоволство, бидејќи не им било дозволено да присуствуваат на средбата.
-Ние бевме спречени да влеземе на официјално соопштение на „Еуромакс” до дојдат сите заинтересирани да ги слушнат карактеристиките и податоците за идниот концесионер. Сакавме да поставиме прашања на кои досега не најдовме одговор, но како што гледате бевме спречени да влеземе, рече Костадин Ристоманов, граѓански активист.
На обвинувањата на активистите кои се против отворање на рудник Гулев одговори дека се работи за граѓани кои не се согласуваат со останатите присутни на средбата, а кои особено во последниот период ги злоупотребуваат социјалните медиуми за напади кон локални жители кои го подржуваат проектот. Од таа причина презеле чекори средбата да биде со покани за да има услови граѓаните да бидат запознаени со проектот.