Мексикански новинар кој ја истражувал работата на наркобандите во северната мексиканска држава Сонора починал завчера откако бил застрелан во својот дом, недалеку од границата со САД, јави агенцијата „Ројтерс“.
Сантијаго Баросо, непознат сторител го застрелал неколку пати, а новинарот починал кратко потоа во болница, објави канцеларијата на државниот обвинител.
Баросо работел во пограничниот град Сан Луис Рио Колорадо, кој е на 32 километри оддалеченост од Јума во Аризона, од другата страна на границата. Работел како радио водител, пишувал за неделникот „Контрасења“ и бил директор на порталот „Ред 563“.
Иако се уште не е познато дали неговото убиство е поврзано со неговата работа, Баросо е трет новинар кој годинава е убиен во Мексико, една од најопасните земји за луѓето кои се занимаваат со оваа професија.