Салва Мустафа два дена по терористичкиот напад во Нов Зеланд раскажува дека ги испратила својот сопруг и двајцата синови во џамија и им посакала среќен пат. Не можела ни да сонува дека тоа ќе биде најтажниот ден во нејзиниот живот и дека нејзиниот сопруг и постариот син ќе бидат убиени.
Кога почнало пукањето, синот Хамза (16) се обидел да побегне и во тој момент телефонски ја повикал мајка си.
„Мамо некој влезе во џамијата и пука кон нас“, рекол Хамза додека од џамијата се обидувал да го извлече неговиот помал брат Заид, кој веќе бил повреден во ногата.
Нивниот разговор траел неколку секунди, а тогаш Салва го слушнала пукањето и вресокот на нејзиниот син кој во тој момент бил убиен. Неговиот брат бил погоден од уште еден куршум, но за среќа преживеал. На другата страна од џамијата лежело мртвото тело на нивниот 44-годишен татко, Калед.
„Останав на линијата уште 22 минути. Тогаш некој го зеде мобилниот телефон и ми рече: ‘жалам, но мислам дека вашиот син е мртов’“, раскажува таа.
Салва Мустафа ја раскажа нејзината приказна, за медиумите, во една од болниците во Крајстчрч каде е хоспитализиран нејзиниот помлад син, Заид. Тој е повреден со два куршуми, но успеал да преживее и да избега од џамијата, пишува „Дејли мејл“.
Хамза и неговиот татко се само двајца од 50-те лица кои беа убиени во нападот.