Демонстрантите кои вчера маршираа мирно од плоштадот на Операта до плоштадот на Републиката во Париз, бараа „одговори на големината на еколошките влогови”, јави дописникот на МИА.
На маршот учествуваа околу 45.000 луѓе, а според организаторите таа бројка изнесувала 107.000 демонстранти.
Во претходните маршеви за климата, кои започнаа по оставката на поранешниот министер за екологија Никола Уло, имаше само нешто повеќе од 15.000 лица на улиците на главниот град на Франција.
– Ние треба да ја покажеме разновидноста на нашата борба: климатска и социјална правда, биолошката разновидност, алтернативната мобилност, вели Лора Рузиќ од „Граѓани за климата”.
Маршеви за климата се одржаа и во други француски градови, како во Монпелје, Нанси, Рен, Гренобл … Вкупно околу 200 настани беа одржани низ цела Франција.
Младите протестираа први, во петокот, одговарајќи масовно на повикот на младата швеѓанка Грета Тунберг. Тие се собраа меѓу 29.000 и 40.000 во Париз, а речиси 168.000 низ цела Франција, наведува организацијата „Младите за климата”.