Одлуката за „значително намалување” на употребата на пластика до 2030 година ја донесоа 170 земји по петдневни разговори на собирот на ОН за животна средина во Најроби.
На собирот е усвоена необврзувачка резолуција за потрошни предмети, како што се пластичните кеси.
На почетниот предлог за постепено укинување на пластиката за еднократна употреба до 2025 година се спротивставија неколку земји, меѓу кои и САД, иако над осум милиони тони пластика влегуваат во светските океани секоја година.
– Тешко може да се најде единствено решение за сите земји членки. Се наоѓаме на пресвртница околу прашањата за животната средина. Не ни требаат преопширни документи, туку потребни се конкретни обврски, изјави претседавачот на собирот на ОН, Сим Кислер пред гласањето.
Ова тело е водечко светско меѓународно тело за заштита на животната средина, а овој договор ќе го одреди текот на самитот на ОН за климатски активности кој ќе се одржи во септември.