Хрватската Агенција за лекови и медицински помагала (ХАЛМЕД) ги одобри пилулите за медицински абортус, кои може да се нарачаат во аптеките.
Претседателката на хрватската аптекарска комора, Ана Солдо, за порталот „Индекс“ потврдила дека „ХАЛМЕД“ на 15 јануари годинава издала решение на пазарот да се пушти лекот „Mifegyne 200“.
„Лекот се издава со рецепт во аптеките. Веќе е достапен, така што секоја аптека може да го набави во рок од 24 или 48 часа“, изјавила Солдо, а пренесува „Танјуг“.
Солдо порачала и дека Комората на сите аптеки во Хрватска им препорачала доколку имаат вработено лице кое се повикува на совеста и одбива да го издаде лекот на пациентката, работодавачот е должен да го обезбеди лекот, така што во смената истовремено ќе има и работник кој не би имал проблеми повикувајќи се на својата совест.
„Работодавачот мора итно да обезбеди терапијата за секоја пациентка“, изјавила Солдо, наведувајќи дека аптеките ги немаат на лагер пилулите за абортус, но може да ги нарачаат, така што пациентките од Загреб би ги добиле истиот ден, а надвор од Загреб за 48 часа.